Општината ќе прави лабораториски анализи на распуканиот асфалт во Битола

БИТОЛА – Општина Битола најави лабораториски анализи за распуканиот асфалт на битолската обиколница во индустрискиот дел од градот, улицата „Бурса“.
Асфалтот распука неполн месец по поставувањето, а по крајот на коловозот лесно се корнат и поголеми парчиња од новиот асфалт. Ситуацијата со распуканиот нов асфалт наиде на бура од реакции во јавноста, кои бараа одговорност и од надлежните и од изведувачот и од надзорот.
Денеска градоначалникот на Битола Тони Коњановски објави дека –„асфалтот попушти, но одговорноста не“, и најави итна акција од страна на општината за поранешната улица „Индустриска“ во Битола. Тој вели дека анализата треба да покаже дали се исполнети потребните критериуми, покрај фактот дека низ улицата треба да сообраќаат тешки товарни возила бидејќи тоа е индустриски дел на градот.
„Општина Битола, во координација со Единицата за имплементација на проектот за поврзување на локални патишта при Министерството за транспорт и Светска банка, иницираше детални лабораториски анализи на вградениот асфалт. Целта на постапката е утврдување на причините за појавените оштетувања и дефинирање на соодветно и трајно решение“, најави Коњановски од терен.
Тој смета дека ако го реши овој проблем ќе спречи појава на слични дефекти и на други улици.
„Иако Општина Битола не е директен финансиер на овој проект, како краен корисник имаме одговорност да бараме квалитетна реализација, без дополнителен финансиски товар врз општинскиот буџет,“ нагласи Коњановски.
Улицата „Бурса“ е во должина од 2.418 метри, во овој проект се вложени 37,6 милиони денари, средствата обезбедени од Светска банка во рамките на проектот за поврзување на локални патишта.
Поранешната „Индустриска“ улица не беше реконструирана речиси половина век, а е од витално значење за битолското стопанство.
Стотина бизниси во индустрискиот дел на Битола, со децении наназад трпеа штети поради лошата патна инфраструктура, на места имаше големи дупки како кратери исполнети со вода од нерешената одводна мрежа. Тоа беше причина после секој пороен дожд да се поплавуваат и дел од индустриските капацитети и штетите никако да се надоместат.
Лани на почетокот на април, Општина Битола објави дека започна реконструкцијата на улицата „Бурса“, во април годинава заврши асфалтирањето, а за неполн месец се јавија девијации на патот.
Асфалтот иако нов поставен веќе е крпен и преправан.
Општината соопшти дека настанатото оштетување ќе биде санирано од страна на изведувачот бидејќи улицата „Бурса“ е во гарантен период. (А.Б.)