Општина Зрновци продава 21 парцела за изградба на објекти за домување
Локалната самоуправа на Зрновци објави оглас за продажба на градежно земјиште во државна сопственост со кој на инвеститорите им нуди вкупно 21 градежнa парцела, во сите три населени места во општината.
Вкупната површина на земјиштето што е предмет на продажба изнесува околу два хектара, а доколку се продадат сите градежни парцели Општината очекува да оствари приход од најмалку 1,3 милиони денари. Парцелите што се нудат се за изградба на објекти за индивидуално домување, при што девет се во Зрновци, седум во Видовиште и две во Мородвис.
Градежното земјиште се продава со јавно наддавање, а со оглед што станува збор за мала и рурална општина, од Локалната самоуправа нагласија дека ќе се остварат дополнителни приходи на буџетската сметка што ќе овозможат услови за економско раздвижување на локално ниво.
-Огласот за продажба го објавуваме по пауза од неколку години, со оглед што во изминатиот период граѓаните покажаа зголемен интерес за изградба на сопствени куќи, а има и заинтересирани инвеститори за стопански објекти. Парцелите што ги нудиме се со различна површина, од близу 160 до над 5.500 квадратни метри. Исто така, различна е катноста на објектите што можат да се градат, односно на 4 парцели во Зрновци предвидено е да се градат објекти со приземје и два ката, додека останатите се за приземје, два ката и поткровје. Локациите и условите за купување се поволни, односно изнесуваат по 61 денар од квадрат, поради што очекуваме успешна реализација на продажбата, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Рокот за пријавување на заинтересираните купувачи за градежните парцели е електронски на www.gradezno-zemjiste.mk најдоцна до 9 февруари, а јавното наддавање ќе се одржи два дена подоцна. Јавниот повик за продажба на парцелите може да се види и на веб-страницата на Општина Зрновци.