Општина Струмица го напушта ЗЕЛС, а тоа ќе го направи и Карпош
Градоначалникот Костадинов тврди дека под притисок на министерот за земјоделство се носат одлуки дека водата во Струмица не е за пиење
Случајот со забраната за пиење на водата во Струмица, која што доаѓа од резервоарот на браната Турија, се претвори во класична политичка битка. Присуството на големо количество манган во водата кое дојде по обилните неодамнешни дождови, од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го искористија да го обвинат градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов (СДСМ), дека тој е виновен за зголеменото ниво на металот. Иако Костадинов тврди дека водата е веќе исправна за пиење, од Институтот за јавно здравје не го потврдуваат тоа.
Оваа политичка пресметка врз грбот на струмичани доведе до тоа Општина Струмица да одлучи ја напушти Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а според пишувањата на дел од медиумите, тоа ќе го стори и градоначалникот на Карпош.
Ваквиот потег го најави градоначалникот Костадин Костадинов во објава на Фејсбук каде наведе дека ќе подготви и официјален допис до ЗЕЛС.
„ЗЕЛС не ја заслужува партиципацијата на Струмица. Го напуштаме ЗЕЛС, со целата одговорност, обиди за соработка, партнерски однос, доволно е. Филозофија без прагма, штета за која ја плаќаат граѓаните! Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права, за уставните права и слободи. За мојата Струмица, компромиси немало, нема и нема да има! Нека ви е со среќа“, напиша Костадинов.
Претходно, во објава на Фејсбук, Костадинов напиша дека одговорно тврди дека водата во Струмица е исправна и посочи дека се врши притисок од страна на министерот за земјоделство врз инспектори и вработени во Институтот за јавно здравје за да не ги кажуваат јавно резултатите.
„Борбата против Струмица продолжува, чекаа, калкулираа и денес преку медиуми се научивме дека не ни даваат решение за водата. Одговорно тврдам, а потврда за тоа ќе бидат резултатите кои утре повторно ќе бидат објавени, дека водата е исправна и хемиско-физичкиот состав и микробиолошки. Решивте на грбот на народот да правите политика, скапо ќе плати некој за оваа фашистичка операција врз Струмица и струмичани. Наскоро вистината и за водата, но и за сите притисоци, врз инспектори, врз вработени во ИЈЗ само да не се кажуваат јавно резултатите оти истите не се во прилог на политиката на Цветан Трипуновски“, стои во вчерашната објава.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера информираа дека водата од струмичкиот водоснабдителен систем и натаму е забранета за пиење, иако градоначалникот Костадин Костадинов тврди дека таа е исправна и во хемиско-физичкиот состав и микробиолошки.
Стевче Јакимовски, градоначалникот на скопската општина Карпош вчеравечер во гостување на поткаст-емисија, а коментирајќи го случајот со Општина Струмица, најави дека и Општина Карпош ќе се приклучи ва најавите за напуштање на ЗЕЛС.
„И јас ќе се придружам на Општина Струмица. И така одамна се подготвувам да ја напуштиме ЗЕЛС. Нека си прават таму партиска забава“, рече Јакимовски.
Тој посочи дека истото треба да го направи и градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска, оти градот е главен финасиер на ЗЕЛС, а за возврат не добива ништо.