Општина Прилеп спроведува присилна наплата на неплатениот данок на имот и комунална такса


Фото: Б. Грданоски

Од почетокот на март Општина Прилеп почна да ја спроведува непопуларната мерка за присилна наплата на неплатениот данок на имот и комунална такса.

Причина за ваквата постапка е тоа што значителен број даночни обврзници, и покрај досегашните повици за подмирување на даночните обврски, сѐ уште не ги подмириле своите обврски за 2025 година, пишува Локал актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници.

„Во тековната година Општина Прилеп испрати опомени за неплатен данок на имот и комунална такса до сите правни и физички лица што вршат дејност на територијата на Општина Прилеп. Од причини што рокот во кој требаше да се изврши плаќање на доставените опомени е изминат, Општина Прилеп започна и со изготвување решенија за присилна наплата што ќе ги достави до даночните обврзници и до носителите на платен промет“, соопштуваат од Општина Прилеп.

Според податоците на Одделението за администрирање приходи на Општина Прилеп, вкупниот процент на наплата на даноци во 2025 година изнесува 60 проценти, при што се наплатени околу 137 милиони денари по основ на даноци и комунални такси. Иако, наплатата бележи раст во однос на претходните години, надлежните посочуваат дека постои значителен износ на ненаплатени средства што треба итно да бидат подмирени.

Граѓаните можат да извршат увид во даночната состојба на веб-страницата edanociprilep.mk каде што е овозможено и електронско плаќање на данокот.

Во Прилеп се регистрирани 26.330 даночни обврзници како физички лица за данок на имот, 342 се правни лица, а околу 3.500 се правни лица што се даночни обврзници за фирмарина.