Општина Карпош во 2021 година привремено вработила 100 лица, за кои не се знае што работат


Државниот завод за ревизија денеска излезе со извештај за работењето на Општина Карпош, во кој констатира неколку неправилности, како на пример, дека со програмата биле предвидени привремени вработувања на 30 луше, а вработиле 100. Воедно, ревизорите констатирале дека за овие лица не е наведено кои им се работните задачи, туку на приватните агенции за вработување им се исплаќа бруто сума по број на вработени. 

– Во 2021 година од страна на Општина Карпош по спроведени постапки за јавна набавка за ангажирање лица преку Приватна агенција за вработување ангажирани се лица, за кои исплатени се средства во вкупен износ од 73.309 илјада денари… Нивниот просечен број во 2021 година е 199 ангажирани лица. Oд отстапените лица од приватната агенција 95 лица се ангажирани за вршење на редовни работни задачи предвидени со Правилникот за
систематизација на работните места, додека 104 лица се ангажирани во делот на одржување на јавна чистота. Лицата биле ангажирани континуирано за период подолг од две години -констатираат ревозорите.
Додаваат дека Советот на Општина Карпош има донесено Програма за екологија и
енергетска ефикасност за 2021 година, во која се предвидени средства за потпрограмата – Јавна чистота и хигиена во износ од 51.800 илјади денари каде предвидено е ангажирање на приближно 100 работници но во програмата не е утврден обемот и видот на јавните работи,
постапка за ангажирање на лица, надлежните лица за вршење надзор над ангажираните лица, месечниот надомест на ангажираните лица. Ревозорите укажуваат дека според Законот
за приватните агенции за вработување,  агенцијата може да отстапи работник за вршење на привремени работи и да склучи договор, но не подолго од две години, со или без
прекин.

–  Со годишниот план за вработување во општина Карпош предвидено е во текот на 2021 година да се вработат 30 лица со што утврдивме дека бројот на привремено ангажирани лица во општината е поголем од планот за вработување за 2021 година;

– Фактурите кои општината ги плаќа кон Приватната агенција за вработувања го содржат само вкупниот бруто износ за исплата и бројот на привремено ангажираните лица, во зависност од тоа дали станува збор за исплата на лица за одржување на јавната чистота или оние за извршување на работите во општинската администрација. Останата пропратна документација кон фактурата, во смисла на точно наведување на лицата за кои се врши исплатата на фактурата
нема. 

Утврдените состојби за начинот на ангажирање на лица преку приватните агенции за вработување, овозможуваат намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и повластена положба во постапката на нивно ангажирање, како и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи на општината.

Препорачуваат градоначалникот да ангажира лица преку приватна агенција за вработување само во случаите за замена на привремено отсутен работник, привремено зголемен обем на работа, сезонска работа, работа на проекти, неспецифични, неконтинуирани работи и непредвидени краткотрајни активности; да се изготви Програма за јавна чистота со утврден обем и вид на јавни работи кое ќе содржи и постапки за ангажирање на лица за извршување на истата, надомест и контрола и исплатата на средствата по основ на ангажирани лица да се врши врз основа на комплетна документација.

Другите наоди на ДЗР за Општина карпош може во целост да ги погледнете на следниот линк: 

https://dzr.mk/mk/230614-revizija-na-usoglasenost-2022-els-karposh