Општина Карпош го усвои Буџетот за 2025 година – најмногу пари од трансфери и донации


Советот на Општина Карпош, по деталната презентација на структурните компоненти на финансиската конструкција, со мнозинство гласови од советниците беше изгласан Буџетот на Општина Карпош за 2025 година.

– Оттука, Министерството за финансии ја извести Општината дека максималниот износ на сопствените приходи на основниот буџет за 2025 година ќе изнесува 722.056.000 денари, а средствата кои општината ќе ги добие како приход од ДДВ за 2025 година ќе изнесуваат 26.342.000 денари. Според тоа, висината на вкупниот износ на основниот Буџет на Општина Карпош ќе изнесува 803.490.000 денари. Во овој случај, консолидираниот Буџет ќе изнесува 1.587.570.000 денари, а истиот содржи четири планирани извори на приходи од кои ќе се финансираат расходите на Општината во текот на наредната година. Имено, даночните приходи заземаат 42,4% или поточно 650.192.000 денари од приходната компонента на Буџетот, неданочните приходи учествуваат со 5,9% или со 90.325.000 денари, капиталните приходи со 0.8% односно со 12.650.000 денари, додека пак, најголемата ставка од приходната компонента им припаѓа на трансферите и донациите кои изнесуваат 50,9% или попрецизно 779.311.000 денари, информираат од општината.

Расходниот дел на Буџетот на Општина Карпош го сочинуваат повеќе програми и подпрограми кои се поврзани со работата и функционирањето на локалната самоуправа.

За реализација на Програмата на Советот на Општината се предвидени тековно оперативни расходи поврзани со работата на Советот на општината и исплата на камата и главницата на земените кредити од светска банка, во вкупен износ од 18.870.000 денари. За работа на урбаните заедници според Програмата за Месна самоуправа се предвидуваат 1.355.000 денари, а во рамки на Програмата за локален економски развој се предвидени средства за тековно оперативни расходи во вкупен износ од 37.905.000 денари. Имено, во оваа Програма се распоредени и двете подпрограми за Поддршка на локалниот економски развој и за Проекти и за енергетска ефикасност, каде спаѓа и субенционирањето на граѓаните за поправка и набавка на нови лифтови, покриви и фасади.

Во Програмата за Комунални дејности се планираат тековно оперативни и капитални расходи во вкупен износ од 210.200.000 денари. Оттука, овие финансиски средства ќе бидат распоредени според проекцијата на предвидените подпрограми какви што се Одржување на урбаната опрема, Јавно осветлување, Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, Јавна чистота, Одржување на локални патишта, Одржување и користење на паркови и зеленило, Изградба на јавно осветлување и поставување на лед светилки на цела територија на Карпош, Изградба на простор за пакирање и сл.

Во Програмата за Култура која е составена од подпрограмата – Културни манифестации и творештво се предвидени средства во износ од 3.800.000 денари, кои се наменети за финансирање на културни манифестации предвидени со програмите од култура.

Во Програма за Спорт и рекреација која ја сочинуваат подпрограмите Спорт и рекреација – ЛОО се предвидени финансиски средства во висина од 8.500.000 денари, за финансирање на спортски манифестации, поддршка на натпревари на општинско ниво, поддршка на училишен спорт, на масовни спортско-рекреативни активности на граѓаните, како и други настани предвидени со програмата за спортски активности. Тука влегува и подпрограмата Спорт и рекреација/капитални трошоци каде на конто – Други градежни објекти се предвидуваат 6.000.000 денари, кои ќе бидат наменети за изградба на спортски и детски игралишта и нови рекреативни зони за масовно спортување.

Во подпрограмата Р10-Заштита на животната средина и природата се предвидени средства во износ од 4.550.000 денари, кои се наменети за испитување на загаденоста на воздухот и заштита на животната средина, во рамки на издвоените средства за ЛЕАП-от.

Во подпрограмата-Образование (подпрограма Н1- Основно образование) се предвидени средства доделени со блок дотација во износ од 460.600.000 денари.

Во Програмата Образование (капитални расходи) се предвидени средства во износ од 19.311.000 денари, кои ќе бидат искористени за купување на информатичка опрема, набавка на опрема за греење и климатизација, како и за реконструкција на училишните објекти. Во овој случај станува збор за финансии кои се обезбедени од Буџетот на Општината.

Во подпрограмата В-Детски градинки (подпрограма В1- Детски градинки), предвидени се средства од самофинансирачки активности во износ од 56.040.000 денари.

Во Програмата за Социјална заштита и заштита на деца (капитални расходи) предвидени се средства од општинскиот Буџет во износ од 10.600.000 денари, кои ќе бидат наменети за реконструкција на детски градинки.

Согласно Програмата за Родова еднаквост според планираните активности за оваа намена, се предвидува финансиска конструкција во висина од 1.700.000 денари.

Во образложението на Буџетот на Општина Карпош за 2025 година се наведува дека фискалните проекции за наредниот среднорочен период се базираат врз основа на економската политика на РСМ. Државната економска политика е насочена кон остварување на макроекономската стабилност и одржување на стабилен и одржлив национален економски развој. Тоа се постигнува преку остварување на стратешките определби за зголемување на економскиот раст, зголемување на вработеноста, подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на населението.