Општинa Ѓорче Петров: Нови услови и спортска сала за учениците во Хром


Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, изврши увид во тековните градежни активности во ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во населбата Хром, каде се реализира значајна инвестиција од 1.500.000 денари за унапредување на образовната инфраструктура.

„Во рамките на проектот се изведуваат работи на нов влез со пристапна рампа, скали и патека, адаптација на простор за нова трпезарија и кујна, реновирање на стариот дел од училиштето, проширување на ходниците и санација на оштетените делови од кровот.

За првпат во историјата, ова училиште доби и спортска сала, што ќе овозможи подобри услови за развој на спортските активности и здрав начин на живот кај учениците“, велат од Општината.

Градоначалникот Стојкоски истакна дека унапредувањето на образовната инфраструктура останува еден од главните приоритети на општината и дека летово ќе продолжат активностите и во останатите училишта на територијата на Општина Ѓорче Петров.

„Секое дете заслужува услови достојни за раст и учење. Со оваа инвестиција и натаму го остваруваме нашиот план за обезбедување современи и безбедни училишта, во кои децата ќе имаат можност да се развиваат во здрави и квалитетни услови“, рече градоначалникот.