Општина Центар воведува чуварска служба – Советот изгласа


Фото: Б. Грданоски

Едногласно, со сите гласови „За“ од советниците, на вчерашната седница на Советот на Општина Центар беше усвоена иницијативата на советникот Ненад Матевски, за воведување на чуварска служба која ќе се грижи за одржувањето на јавните добра на територија на општината.

Советникот Матевски на минатата седница на советот поднесе иницијатива за воведување на чуварска служба, за да се намалат и спречат сѐ почестите кршења и оштетувања на урбаната опрема, детските и спортски игралишта, дрворедите и урбаното зеленило.

„Оваа предлог-иницијатива произлегува од континуираната потреба за подобрување на квалитетот на животот и безбедноста на жителите на Општина Центар. Имајќи го предвид постоечкиот недостаток на доволен број полициски службеници и општински инспектори, сметам дека формирањето на една ваква мобилна служба, која ќе ги покрива сите 17 урбани заедници, ќе претставува значаен чекор напред во заштитата на јавното добро“, напиша во образложението на својата одлука советникот Матевски.

Во одлуката е објаснет и начинот на работа на „Чуварската служба“, која ќе вклучува и обуки на вработените од страна на стручни лица за овластувањата, начинот на постапување во различни ситуации, комуникациските вештини и основните правни аспекти потребни за нивната работа. Службата ќе работи во тесна координација со МВР, ЈП ПОЦ и со општинските служби, со единствена цел, зголемување на чувството на сигурност на граѓаните на Општина Центар.

„Во Северна Македонија постојат примери на чуварски служби во рамките на одредени јавни претпријатија кои успешно придонесуваат кон заштита на јавното добро. На пример, Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми ‘Македонски шуми’, има организирана служба за надзор и заштита на шумските подрачја. Исто така, националните паркови како Маврово и Пелистер имаат служби за надзор и заштита на природните богатства. Дополнително, во некои општини, јавните комунални претпријатија имаат служби за обезбедување и надзор на нивните објекти и инфраструктура“, образложува Матевски.

Покрај надзорот и заштитата на урбаната опрема, детските игралишта, клупите, кантите за отпадоци, спортските реквизити и останатата опрема, чуварската служба ќе води сметка и за зелените површини и општинското урбано зеленило, ќе биде мобилна и присутна на терен и доколку забележи активности спротивни на општинските насоки, ќе биде должна веднаш да го информира општинскиот инспекторат, како и МВР.

@Секојдневно сведочиме искршена урбана опрема, уништено урбано зеленило, оштетени и искршени реквизити на детски игралишта и нивното сервисирање претставува товар за општинскиот буџет. Со воведувањето на чуварската служба очекуваме значително да се подобри безбедноста и да се намалат ваквите појави, кои се сѐ позачестени во изминатиот период. Оваа иницијатива ќе започне како пилот проект во населбата Капиштец, па подоцна ќе се спроведува и во останатите 17 урбани заедници на општината. За секоја од нив ќе има одговорен службеник, а општината во координација со останатите надлежни институции ќе врши проверки дали се почитуваат правилата и не се оштетуваат јавните добра. Сакам да ја изразам мојата благодарност до сите советници во Советот на Општина Центар и градоначалникот на општината, Горан Герасимовски, кои ги препознаа придобивките од чуварската служба, предлогот беше едногласно усвоен и може да кажеме дека вчера сите заеднички придонесовме за посигурен и побезбеден Центар во иднина“, вели Матовски за „Независен“.

Советникот Матевски вчера по изгласувањето на одлуката изрази голема благодарност до сите советници во Советот на Општина Центар и градоначалникот, Горан Герасимовски, за прифаќањето на иницијативата за формирање на чуварска служба и дополни дека тоа е важен чекор за подобра заштита на нашето заедничко добро, која придонесува за сигурен и безбеден Центар.