Општина Центар одвои еден милион денари за повредените и семејствата на загинатите од Кочани

На предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, Советот на Општина Центар на денешната 50. Седница, донесе едногласна одлука за доделување финансиска помош во износ од 1.000.000 денари за рехабилитација на повредените и поддршка на семејствата кои ги загубија своите најблиски во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани.
„Кога е најтешко, да си подадеме рака, да се поддржиме, да покажеме дека хуманоста и солидарноста се најголемата сила што ја имаме. Нашите мисли се со семејствата кои тагуваат и со сите повредени кои се во процес на опоравување. Им посакувам да останат храбри и да не се предаваат, нека знаат дека не се сами”, рече градоначалникот Герасимовски.
Советниците ја прифатија иницијативата на Герасимовски, испраќајќи силна порака на сочувство и поддршка за сите погодени од големата трагедија, во која згаснаа 62 млади животи, а 200 беа повредени.
„Оваа помош не е само финансиска, таа е симбол на блискост, емпатија и искрена грижа. Кочани ја има нашата поддршка – од мене лично, од Општина Центар, од Советот и од сите центарци. Во овие мигови мораме да покажеме дека сме сплотени – еден народ, едно срце”, додаде Герасимовски.