Општина Центар обезбеди дополнителна механизација за чистење на улиците и сметот


Општина Центар информира дека со сопствени капацитети и преку локалното јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“  „ја презема работата што други ја запоставиле – собирање смет, миење и чистење на улиците, затоа што подолго време се соочува со хаос во хигиената поради неработењето на ЈП „Комунална хигиена“ кое е под надлежност на Град Скопје“.

-Илјадници граѓани секојдневно сведочат на преполни контејнери и нечисти улици, иако одржувањето на јавната чистота е законска обврска на градските институции, соопшти Општината. 

Градоначалникот Горан Герасимовски и директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски вчера потпишале договор за изнајмување  дополнителна механизација и опрема. Овој договор, посочува Општината, значи значително засилување на теренските активности.

Со договорот се обезбедени ѓубретарки, цистерни, метларки, изнајмување метални контејнери и возило за нивно подигање и транспорт, машина за бележење хоризонтална сигнализација.

-Граѓаните на Центар не смеат да бидат заложници на нечија негрижа. Наша должност е да им обезбедиме чисти улици и достоинствено урбано живеење. Затоа обезбедивме дополнителна механизација за поефикасно справување со отпадот и одржување на јавната хигиена. Во услови на институционална блокада, интересот на граѓаните е на прво место, истакнува градоначалникот Герасимовски.

Тој најави дека со новата механизација се почнува веднаш и дека „ќе се ангажираат сериозни акции за чистење за да се спречи хаосот кој го создава „Комунална хигиена“ и Градот Скопје“.