Општина Центар не доставила правилни елаборати, ДУП-от кај „Холидеј Ин“ не може да се суспендира


Фото: Б. Грданоски

 Елаборатите за суспензија што ги поднесе Општина Центар до Министерството за транспорт и врски не се изготвени во согласност со одредбите на Законот за урбанистичко планирање. Доставените елаборати исто така не содржат конкретни податоци со кои се докажува штетата врз јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, оценила Комисијата при Министерството за транспорт и врски.

Во однос на ДУП кај Холидеј Ин, од Комисијата тврдат дека во елаборатот за суспензија не е спомената штета по јавниот интерес ниту со зборови. Според Комисијата, во тој план нема дури ни посочување за каква штета или кој дел од планот би правел штета.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешниот брифинг со новинарите во однос на поднесените 11 елаборати од Општина Центар за суспензија на применувањето на деталните урбанистички планови посочи донесените елаборати за суспензија не се изготвени во согласнот со одредбите на Законот за урбанистичко планирање, односно применет е погрешен законски основ, наместо членот 23, изработени се врз основа на член 35.

-Елаборатите за суспензија не треба да се однесуваат на целиот плански опфат од урбанистичкиот план, доколку штетата по јавниот интерес што треба да се докаже, односно предметот на елаборатот за суспенција е лоциран само на дел од планскиот опфат. Доколку елаборатот за суспензија се однесува на целиот плански опфат од урбанистичкиот план, во тој случај е неопходно да се докаже штетата по јавниот интерес која би настанала преку примената на сите негови плански одредби за површината на целиот плански опфат, појасни министерот.

Професорот Мирослав Грчев, кој е дел од Комисијата при Министерството за транспорт, прашан за тоа каква препорака дале за ДУП кај Холидеј Ин, посочи дека во тој план нема дури ни посочување за каква штета или каде кој дел од планот би правел штета.

Како што обрзложи, елаборатот за суспензија на тој детален урбанистички план не содржи ниту еден елемент од бараните елементи што елаборат за суспензија мора да ги содржи.

Министерот Бочварски потенцира дека на два од овие елаборати, односно кај ДУП Дебар Маало 1, кај Министерството за одбрана, во една од локациите, има колизија со веќе донесен регулациски план, а вториот план во којшто е утврден спорен момент, е парцела спроти Министерството за надворешни работи, кај постоечката црква, која влегува во регулацијата на коритото на реката Вардар.

Што се однесува до деловите од стручните елаборати каде се елаборирани планирани содржини од јавен интерес, на урбанистичките планови кои сега се изработуваат, Бочварски додаде дека Министерството за транспорт и врски ги поддржува заложбите на Општина Центар за заштита на градежното земјиште во државна сопственост и нивно пренаменување во функција на објекти од јавен интерес со локално значење.

Бочварски потенцира дека ова е само стручно мислење на Комисијата при Министерството за транспорт и врски, кое правно не е необрзувачко за Општина Центар. Општината, како што рече, има суверено право да одлучува за суспензија или реализација на урбанистичките планови.

-Централната власт ги охрабрува сите општини во рамки на своите законски обврски континуирано да бидат вклучени во процесот на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на плановите додека постапките за суспендирање или неприменување поради усогласување треба да бидат просторно и правно ограничени на исклучоци. На општините им е потребен просторен развој, но притоа мора да биде заштитен јавниот интерес и интересот на државата, додаде министерот.