Општина Центар ја назначи Јулија Геровска за службеник за млади, младинско учество и младински политики


 Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, ја назначи Јулија Геровска, вработена во Општина Центар како помлад соработник за ex-ante финансиска контрола во Одделението за буџетска контрола, за општински службеник задолжен за младите, младинското учество и младинските политики во Центар.

Како што соопштија од Општина Центар, службеникот за млади има задача да остварува континуирана соработка со младинските организации и младите кои живеат во Центар, со цел подобрување на нивната состојбата во општината.

Во Општина Центар, како локална самоуправа која се грижи за добросостојбата на сите возрасни категории, од денеска, се подвлекува во соопштението, гласот на младите ќе се слуша уште повеќе и уште погласно при носењето и креирањето на сите младински активности и политики во Центар.

Градоначалникот Богдановиќ честитајќи и го назначувањето на Геровска, порачал дека од денеска младите првпат ќе имаат вистински посветен претставник во Општина Центар.

– Сите млади кои ќе имаат било какви идеи, предлози или се соочуваат со некакви проблеми во однос на локалната самоуправа, ќе можат електронски да се обратат до службеничката за млади, на адресата [email protected]., стои во соопштението.