Општина Центар и оваа година со субвенции за велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети
На последната 65-та седница на Советот на Општина Центар, која се одржа во четвртокот, со носењето на измените и дополнувањата (ребалансот) на Буџетот на општината, се одвоија средства и за субвенционирање на купување велосипеди, Е-велосипеди и Е-тротинети.
Акцијата е започната заклучно од 1-ви јуни и со одвоените средства ќе се субвенционира 30% од цената за купување нов велосипед, Е-велосипед и Е-тротинет, но најмногу до 3.000 денари.
Секој полнолетен жител на Општина Центар што ќе купи велосипед, Е-велосипед или Е-тротинет започнувајќи од 1-ви јуни, потребно е да ги достави следниве документи:
Пополнето барање за субвенционирање;
Копија од лична карта;
Копија од трансакциска сметка;
Фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купен велосипед, Е-велосипед или Е-тротинет.
Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на Општина Центар, барака бр.6, почнувајќи од задутре, понеделник. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и за субвенционирањето.
Правото на субвенција е еднократно.
За сите дополнителни информации во врска со субвенционирањето, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 3203-600.