Општина Центар аплицира со 8 проекти за унгарските пари – за општинска зграда не стигна


Општина Центар ќе аплицира со осум проекти за парите од унгарскиот кредит што Владата преку ресорните министерства ги распределува низ општините, но меѓу нив не е новата општинска зграда.

– Ќе аплицираме со осу проекти. Имаме подготвени апликации за изградба на 4 пјацети, две реконструкции на фекална и атмосферска канализација, партерно и хортикултурно уредување на Градски зид блок 1 – Зелено пазарче и реконструкција на ул. „Ленинова“ од „Партизанска“ до Министерство за земјоделство (ќе биде реконструирана на истиот начин како и од „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до „Партизанска“, со зеленило, велосипедска патека и др.“ појаснуваат за „Независен.мк“ од Општина Центар.

Од реконструкцијата на ул „Ленинова“ (Фото: Б. Грданоски)

Вчера, министерот за локална самоуправа Златко Перински соопшти дека 17 општини немаат поднесено апликации за капитални проекти, но до крајниот рок има уште неколку дена, односно повикот трае до 30 април. Досега аплицирале 63 (64 сосе Битола) општини со повеќе од 450 проекти.

Во меѓувреме и Општина Битола која беше на списокот 17 општини кои не аплицирале, поднесе 59 апликации за 36 проекти.

Од Општина Центар информираат дека со средствата добиени на претходниот повик веќе се реконструира салата „Работнички“, каде денеска на увид на градежните работи градоначалникот Горан Герасимовски беше заедно со партискиот лидер Венко Филипче.

Работнички (Фото: Б. Грданоски)

Првата фаза од обновата е комплетно завршена, и отпочната е реконструкција на втората фаза која предвидува целосна реконструкција и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според ФИБА стандардите, обновување на гледалиштето со нови седишта, реконструкција на соблекувалните и туш кабините, како и поставување на климатизација и подно греење. Герасимовски, потенцираше дека реконструкцијата се одвива во полн ек и според предвидената динамика.

Што се однесува до новата општинска зграда, засега од Општина Центар велат дека нема аплицираатзатоа што „се уште не е подготвен проект, а Владата не финансира изработка на проекти, туку само реализација на веќе подготвени проекти“.

– Тарифите за проектирање на ваков тип објекти се високи, а веќе не постои можност за попуст, што претставува сериозен финансиски предизвик. И покрај тоа, Општина Центар останува посветена на реализација на овој капитален проект и ќе аплицира веднаш штом се изготви основниот проект – додаваат од таму.

Во нември лани, Герасимовски беше оптимист дека ќе стигнат со некаков барем основен проект да аплицираат за изградба на општинска зграда за владината поддршка.

Сепак, досега Општината спроведе награден конкурс за идејно решение за општинска зграда, а проектите беа изложени за граѓаните да можат да ги видат.

„Наша цел не е само изградба на нова административна зграда, туку создавање функционален простор кој ќе одговори не само на потребите на вработените, туку и на граѓанит.. Комплексот ќе биде модерен, енергетски ефикасен со подземен паркинг со капацитет од околу 300 возила и простор за 100 велосипеди, конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во централното градско подрачје“, изјави Герасимовски на промицијата на наградените идејни решенија.(Б.Б.)