Општина Бутел додели 1.000.000 денари за помош на настраданите во Кочани


На предлог на градоначалникот Дарко Костовски, Советот на општина Бутел одржа вонредна седница. Советот ја започна денешната седница со едноминутно молчење, во знак на почит кон загинатите во трагичниот пожар во Кочани. Советниците едногласно донесоа одлука за доделување на 1.000.000 денари финансиска помош на семејствата на настраданите во тешката несреќа во Кочани.

“Македонија е завиено во црно и секој од нас чувствува длабока тага и болка за трагично згаснатите 59 млади животи. Моите молитви се со семејствата на починатите и со повредените да заздрават што е можно побрзо. Немам зборови со кои можам да ја опишам оваа голема трагедија, но во овие мигови потребна ни е солидарност, сплотеност и секако одговорност. Кочани 16.03.2025 – Никогаш и никаде да не се повтори! “ –градоначалник Дарко Костовски.