Општина Босилово сади нови дрвца, несовесни граѓани ги кршат и уништуваат
Во изминатиот период засадивме повеќе садници, но процентот на опстанок е многу мал. Главната причина е кршење и уништување од страна на граѓани и неможност за наводнување, особено оваа година која беше премногу сушна, објави градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев по последната акција на засадување дрвца кога беа посеани 200 багреми и 100 овошни садници.
Тој апелира до граѓаните за поддршка во процесот на чување и одржување на садниците.
-Општина Босилово ќе продолжи со засадување на дрвца кои секогаш ги обезбедуваме како донации од различни партнери и организации, напиша Манчев на својот фејсбук профил.
Инаку, покрај акциите за засадување нови дрвца, Општината организира и акции за зголемување на бројот на новозасадени дрвца, како таа кога за собирање на пластични шишиња при што на граѓаните кои ќе донесат одредена количина такви шишиња им се подаруваат овошни садници по избор.