Општина Битола се откажа од изградбата на градинка финансирана и од „Кромберг и Шуберт“

Новото раководство на Општината вината за чекорот што го преземаат ја префрлија на претходната локална самоуправа


Местото за изградба се огради, се израмни, но на него ништо не се работи

 

БИТОЛА – Општина Битола е во постапка на раскинување на договорот со изведувачот на новата градинка што претходната локална самоуправа почна да ја гради во поранешната касарна во Битола. Причината е заради ненавремено извршување на работите од страна на изведувачот, потврдува градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Оваа градинка во Битола се чекаше цели 30 години, бидејќи во градот постои огромен проблем со сместувањето на децата во претшколски установи. Она што е значајно за оваа градинка е што првиот дел ќе се градеше со заеднички средства на Општина Битола и германската фабрика во „Кромберг и Шуберт“, а првичната инвестиција беше најавена од 400.000 евра, од кои половината ги обезбедува германскиот инвеститор. Вториот дел требаше да биде комплетно финансиран од Општина Битола.

Градинката беше најавена со капацитет од околу 250 деца, 13 занимални и сопствена кујна. Најсовремени стандарди со запазување на сите енергетско-еколошки прописи.

„Како стигнавме до овој резултат треба да одговорат и од опозицискиот СДСМ, бидејќи за овој проект наследивме многу отворени прашања со изведувачот. Најголем дел од вината ја сноси претходната локална самоуправа, бидејќи не е доволно само да се има желба нешто да се започне, туку умешност и знаење процесот да се доведе до крај“, рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Советникот на СДСМ Борче Корлевски обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ ја запира изградбата на првата детската градинка во Битола, наспроти фактот дека градот не изградил ваква установа во последните неколку децении.

„Наместо да продолжи таму каде што застана претходната локална самоуправа предводена од СДСМ и коалицијата, ВМРО-ДПМНЕ преку градоначалникот Коњановски ја стопира изградбата на градинката“, рече Корлевски.

Корлевски заклучува дека ВМРО-ДПМНЕ го презентира своето незнаење да менаџира со општината и ја спречува инвестицијата на германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“ кој вработува над 6.000 битолчани и граѓани од поширокиот Пелагониски регион.

„Градоначалнику Коњановски, дали ја стопирате изградбата на градинката само заради тоа што проектот го започна претходната локална власт од СДСМ? Дали партиската агенда што ви ја диктираат од штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола и од Белата палата се повредни од децата и родителите кои се на листите на чекање за сместување во градинка?“, прашува опозиционерот.

На прашање на „Независен“, од Општина Битола велат дека проблемите помеѓу општината и изведувачот се појавиле уште по потпишувањето на договорот од страна на претходната локална самоуправа, поради што и најголемата вина за сегашната ситуација, потекнува токму од тој период.

„Проблемите кои се појавиле на крајот на претходната градежна сезона, продолжија и оваа, а истото беше потврдено и од страна на изведувачот.

После потврдувањето од надзорот, дека не е возможно изведувачот да ги заврши предвидените обврски, Општина Битола пристапи кон раскинување на договорот, со цел спроведување на нова постапка за јавна набавка и избор на изведувач кој ќе ги заврши градежните активности“, велат од општината.

Од таму прецизираат дека од страна на Општина Битола, во буџетот предвидени се потребните средства, со цел заокружување на првата фаза од реконструкцијата. Ко-инвеститорот за изградба на новата детска градинка е известен за постапката, а заедничката цел на Општина Битола и „Кромберг и Шуберт“ е изградба на новата детска градинка во населбата АРМ со капацитет за згрижување на 246 деца.

„Во овој момент, општината работи на надминување на затекнатите и наведени проблеми и реализација на проектот“, стои во одговорот од општината.

Фабриката „Кромберг и Шуберт“ најави дека ќе инвестира 200.000 евра во изградбата на градинката

Листите за чекање се долги во сите градинки во Битола. Родителите со мали деца кои сакаат нивните чеда да одат во градинка се судираат со проблемот на сместувањето поради неможноста да ги користат услугите на овие претшколски установи. Па се бараат „пријатели“ детето да се вметне повисоко на листата на чекање, што предизвикува револт кај останатите.

Во изминатите години имаше периоди кога медиумите известуваа дека од 400 до 1.000 битолчани чекаа ред за нивните деца да бидат згрижени во некоја од градинките. За да се намали притисокот се отворија градинки и во села блиски до градот, како Кравари и Бистрица, но нивните капацитети се мали, па проблемот не се реши.

Инаку, градежните активности за оваа градинка почнаа лани на локација во поранешната касарна, каде во последните години интензивно се гради и се населуваат млади брачни парови. Оваа градинка требаше да се гради од темел. Според најавите „Проектот детска градинка во АРМ четврт-два, зафаќа површина на градежната парцела од 2.189 м2, додека површината на градба, предвидена за објектот детска градинка П+1, ќе зафаќа 1.618 м2. Целосната проектна документација беше одобрена од страна на Министерството за труд и социјална политика.