Општина Битола не е на чисто што сака – велосипедски патеки или дооформување на комплексот кај Офицерски дом

Европскиот проект за велопатеки во Битола по втор пат не доби зелено светло од мнозинството во Советот


 

БИТОЛА – Европскиот проект за изградба на велосипедски патеки во Битола со европски пари по втор пат не доби зелено светло на седницата на Советот на Општина Битола. Мнозинството во Советот, СДСМ заедно со двајца од независните советници на „Поинаку“, ДОМ и ДУИ гласаа против, ВМРО-ДПМНЕ беше за, а тројца советници се изјаснија за воздржани. На крајот на септември, на средба со советниците во Битола беше и евроамбасадорот Дејвид Гир, одговарајќи на сите нивни прашања поврзани со пренамената на средствата за изградба на велопатеките.

Ова значи дека сега по ваквото гласање целиот проект покрај сите перипетии пак се враќа на почеток и влегува во неизвесни води.  

Одлуката за изменување на Одлуката за согласност и кофинансирање на проектот „Smart4You2“, што по втор пат се најде пред советниците се однесуваше на пренамена на средствата од европски проект. Наместо реконструкција на објектот „Парк“ кој се наоѓа во близина на обновениот со европски пари Офицерски дом во Битола, парите (во висина од 400 илјади евра) со амин на Европската делегација во Скопје беа пренаменети за изградба на велопатеки на две улици, „Партизанска“ и „Васко Каранѓелевски“ во Битола во должина од над 5 километри. Средствата се пренаменуваат бидејќи првично одредената сума за реконструкцијата на објектот, од пред корона кризата сега е неколку пати зголемена со оглед на поскапувањето на градежните материјали. 

Новото мнозинство во Советот денес гласаше против велопатеките со образложение дека општината има пари во буџетот да ги направи и од сопствени средства, а објектот „Парк“ сепак да се обнови со европски пари од првичниот проект.

„Со проектот ‘Smart4You2’, е предвидена активност за реконструкција на проектот ‘Парк’ со што реновирањето на Офицерски како целина ќе добие своја завршница… Општина Битола ќе ги добие долго посакуваните велосипедски патеки  на одредените транши и нема да остави руина кај Офицерски, ќе се заврши целиот комплекс. Општината има доволно средства за да ги изработи велосипедските патеки, а за ‘Парк’ ќе биде многу потешко да одделиме пари. Да не замижуваме на фактот дека „Парк’ постои, дека  е руина, туку да направиме  нешто да заблиска целиот комплекс“, образложи Анастасија Трајковска, советник на ДОМ и член на работната група за велопатеките, инаку архитект по професија.

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски, реагираше дека новото мнозинство закочи европскиот проект за кој и Европската делегација во Скопје даде поддршка за пренамена на средствата.   

„Иако денес јавно признаа дека проектот за изградба на велосипедски патеки е добар тие сега предлагаат тој да се прави со средства на општината, а објектот ‘Парк’ да се прави од средства на ЕУ. Свесно ја манипулираат јавноста знаејќи дека тоа не може да се прави бидејќи е склучен Анекс на договор со ЕУ за изградба на велосипедски патеки. Со ваквите непромислени потези свесно се доведува во опасност одобрениот проект од ЕУ, а со тоа и понатамошното користење на овие средства на други повици. Ние како советничка група дали зад ваквото инсистирање за изградба на објектот ‘Парк’ се крие некаков личен финансиски интерес“, изјави Бојкоски, кој пред гласањето им подели печатени европски знаменца на своите колеги со надеж дека ќе го прифатат проектот.   

Претседателката на Совет, Габриела Илиевска од „Поинаку“, за знаменцата дофрли -„знаеме сите колку сме за европски вредности не мора да се докажуваме“.

Градоначалникот Тони Коњановски сѐ уште е оптимист дека велопатеките ќе се изградат зашто како локална самоуправа ја обезбедија потребната документација и потребните средства. Апелира до советниците да проработи интересот за градот, наспроти личниот и партискиот интерес.

„Очекувам и Советот да застане зад ваквиот став и конечно да даде зелено светло за изградба на велосипедски патеки во Битола“, порачува Коњановски.  

„Тоа што пред неколку месеци се обидувавме да го докажеме, денес од советниците беше потврдено дека конечно имаме темелен пристап во изработената документација за изградба на велосипедските патеки. Но, токму тие, советниците од Советот, не дозволија, одобрените европски средства за овој проект да бидат искористени за велопатеки, туку побараа тие да се наменат за реконструкција на поранешниот ресторан ‘Парк’, објект кој доколку би се реконструирал, мора да биде функционална целина, за што општината треба да обезбеди кофинансирање во висина од 401.293 евра, наспроти средствата кои треба да се обезбедат од општината како кофинансирање за изградба на велосипедски патеки, во износ од 102.895 евра“, изјави градоначалникот Тони Коњановски за „Независен“.