Општина Битола му ја одзеде поранешната „Соколана“ на закупецот, ја реиздавал

Закупецот, фирмата „Џокер турист“, вели дека тие целосно ја реновирале салата која што е главно место за гимнастика во Битола


 

БИТОЛА – Општина Битола го раскина договорот со фирмата „Џокер турист“ и ѝ го одзеде објектот познат како „Соколаната“ во Градскиот парк  во Битола, каде се спортува гимнастика, поради реиздавање на просторот даден под закуп, објави градоначалникот Тони Коњановски.

Поранешната битолска „Соколана“, комплексот кој според познавачите на приликите се простира на површина околу 10.000 квадратни метри, вклучувајќи ги поранешниот кафе- бар „Зодијак“, спортското игралиште за мали спортови, паркингот, детскиот забавен дел, тениското игралиште, дуќаните што излегуваат на улица „Партизанска“ и други објекти се дадени под кирија уште во 2005 година и тоа за период од триесет години.

Цената на киријата била само 200 евра месечно, а кираџијата  „Џокер турист“ од Битола и таа сума не ја плаќал редовно. Колку за споредба, цената на кириите за дуќаните на Широк Сокак месечно се движи од 2.000, па дури и до 5.000 евра за драматично помали површини од „Соколаната“.

Коњановски на својот Фејсбук профил објави зошто дошло до овој потег и објектот се враќа во владение на општината.

„Кога шпекулациите ќе надвладеат над разумот, повеќе од потребно е да се реагира во јавноста, особено ако спортот и младите се инволвирани и злоупотребени во лични цели“, пишува Коњановски.

Според градоначалникот, гимнастиката години наназад е спорт кој е поддржан од општина Битола, како и останатите спортови и не може да биде загрозена од поединци кои сакаат да стопанисуваат на сметка на спортот.

Коњановски тврди дека поради неплатени долгови кон општина Битола, „Џокер турист“ има раскинат договор за закуп на спортски објект од 992 м2, познат како ДТВ „Партизан“, како и дворно место од 8.399 м2 и помошни деловни простории кои припаѓаат кон спортскиот објект.

„Ваквата законска одлука не значи дека гимнастиката ќе згасне, или дека Клубот на гимнастички спортови Битола нема да работи. Напротив, објектите кои што се во функција на спортот, како што е гимнастичката сала, може да се издаваат според утврден ценовник на општината. Клубот за гимнастички спортови, како и сите останати спортски клубови, ќе може да ја користат и понатаму, во насока на развој на гимнастиката. Меѓутоа, општината нема да го дозволи реиздавањето на просторот под закуп и правењето на профит на сметка на спортот“, пишува градоначалникот Тони Коњановски за одземањето на објектот ДТВ „Партизан“.

На објавата на градоначалникот на Фејсбук со порака се јави и закупецот на ДТВ „Партизан“, Љупчо Арнаудов, кој вели дека Општина Битола за гимнастиката нема дадено ни денар во последните 20 години.

„’Џокер Турист’ е фирма што го реновираше домот, постави осветлување, стави нова фасада. Го претвори во место каде спортуваат 120 деца. Една шајка немате ставено таму оти тоа е имот на ДТВ ‘Партизан’, а вие го крчмите“, пишува меѓу другото Арнаудов и најавува мирен протест. 

Коњановски осврнувајќи се на најавениот протест вели дека граѓаните треба да ја знаат вистината дека „никој нема да им ја одземе можноста за спортски активности во побараните термини во салата за гимнастика“.