Општина Берово и годинава се вклучува во активноста Генералка Викенд 2025

Општина Берово и годинава се вклучува во активноста Генералка Викенд 2025. Во акцијата ќе се чисти на повеќе локации во Берово, а целта е да се собере што е можно повеќе отпад, кој потоа ќе се носи до најблиската Пакомак или локална станица за отпад.
– Општина Берово, Мен енд Маунтен, ЗЕЛС, Пивара Скопје, Нула отпад и Пакомак, преку заедничко партнерство и годинава организираат голема еколошка акција, ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД во Берово, петок, 9 мај 2025 година. Во акцијата ќе се вклучат и волонтери на Црвен крст на Македонија.
Големата еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, е поддржана од општествено одговорни компании: LIFE Sparkasse, EVN – Македонија, Мак Стил, Бучим, Saubermacher БИ Милк и Костал, информираат од Општина Берово.
За секои 10 килограми собран отпад, како што додаваат оттаму, Министерството за земјоделство заедно со Национални шуми ќе посади по едно дрво во рамките на нивните годишни програми за пошумување.
– Излези и ти, вклучи се во големата акција и собери го отпадот од твојата директна околина и допринеси за поздрава и позелена иднина за сите. Колку повеќе отпад ќе собереме, толку повеќе дрвја ќе бидат засадени. Во акцијата ќе се вклучат и училишта и институциите на локално ниво.
Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, институции и општествено одговорни компании, да се вклучат во големата акција и да допринесат за почисто наше Берово, додадоа од Општината.
Акцијата за чистење ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2025, е една од активностите кои се спроведуваат, за да се придонесе во подигнување на јавната свест, за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно влијаење за зачувување на животната средина.
Од Општината исто така информираа дека, нивниот официјален партнер НУЛА ОТПАД ја иницира и акцијата „Eлектро Генералка 25“!
Истата ќе се реализира почнувајќи од 9 до 13 мај 2025 година, а во рамки на остата на локација во близина на Дом за стари лица „Иван Влашки“ – Берово ќе биде поставен контејнер за собирање на електричен и електронски отпад кој граѓаните ќе може да го остават во контејнерот, каде што ќе биде бесплатно превземен.
Целта на таквата акција како што подвлекоа од Општината е правилно третирање на електронскиот отпад кој потоа ќе се рециклира.