Општина Арачиново како Елдорадо, не наплаќа данок на имот и комунални такси од фирмите
Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на работата на Општина Арачинов за 2021 година и во извештајот изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Ревизијата утврди дека од дадените шест препораки, пет не се спроведени, а една е во тек на спроведување. Притоа констатирани се следниве состојби:
– Слабост при спроведување на процесот на буџетирање, реализација на планираните приходи и расходи од 77% и недонесен ребаланс на Буџетот за 2021 година;
– Не е воспоставена единица за внатрешна ревизија ниту меѓу општинска соработка со друга општина во делот на внатрешната ревизија;
– Општината не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, а данокот на промет на недвижности и данок на наследство и подарок не се утврдуваат согласно Методологијата за утврдување на пазарната вредност;
–Општината не остварува приходи по основ на комунална такса на фирма, комунална такса за користење на музика во јавните локали, комунална такса за истакнување на реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување на градежно земјиште;
– Не е воспоставена аналитичка евиденција на побарувањата за физички и правни лица со соодветна поткрепувачка документација, не е утврден основот за нивно постоење и можноста за нивна наплата.
Во насока на надминување на утврдените состојби, ревизијата даде препораки со цел преземање
мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
Поконкретно, во извештајот на ревизорите стои дека во општината се гради и без дозволи за градба, дека се отпишуваат долгови кои треба да бидат вратени во општинката каса, дека градоначалник во Општина Арачиново добил аванс од 200 илјади денари од општинскиот буџет, но не ги вратил, како и тоа дека крадци влегле во општинската зграда и ги украле само фискалните сметки за угостителски услуги.Во извештајот на ревизорите не е точно прецизирано за кој период се однесува овој аванс.
– Во текот на 2021 година извршен е отпис на побарувања по основ на дадени аванси врз основа на донесена Одлука за отпис на долг по основ на аванс земен од страна на одговорното лице во износ од 200 илјади денари од страна на Советот на Општина Арачиново, како последица од извршена кражба во просториите на општината од страна на непознат сторител, на фискални сметки за извршени угостителски услуги и репрезентација, стои во извештајот.
Во извештајот стои исто така дека во 2021 година биле исплатени надоместоци во износ од речиси 30 илјади евра на сите членови во Советот во Општина Арачиново без никакви докази за одржани седници и присуство на сите советници. Државниот ревизор констатирал дека во 2021 година расходите за репрезенатција изнесуваат над 10 илјади евра. Исплатата на парите се врши по доставени фактури и фискални, но без да биде наведен видот и намената за која услуга се направени – свечените деловни ручеци и коктели. Во извештајот се наведува и дека биле користени картички за точење на гориво од страна на неовластени лица. Гориво се точело во возила кои не се во сопственост на Општината. Констатирано е и дека, се врешеле градежни работи без одборенија за градба, не се наплаќаат комунални такси за фирми за реклами, објави огласи и за користење на музика.