Од Ново Лисиче Општина Аеродром почна со нов начин на чистење – може конечно ќе блеснеме
Општина Аеродром спроведе реорганизација во одржувањето на хигиената на јавните површини, со што се воведува нов распоред за одржување на реоните и максимално искористување на целата механизација со која располага општината, соопштија денеска од таму.
Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром ваквиот нов начин за одржување на хигиената го воведува на ниво целата територија на општината, при што е вклучено и миење на улиците и на јавните површини.
В. Д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, претседателот на Советот, Антонио Петковски и директорот на Јавното претпријатие, Благоја Ѓорѓиевски денеска ги посетија екипите што почнаа со работа во населбата Ново Лисиче.
Таму се косат тревните површини, се метат и се чистат плочниците меѓу зградите, а се кастрат и исушените и надвиснатите гранки на дрвјата. Исто така, отсега ќе се воведе и миење на површините за што е активирана посебна механизација за таа намена.
Ваквиот начин на чистење се воведува како редовна практика, со што се очекува во наредниот период значително да се подигне нивото на хигиена на јавните површини во Општина Аеродром за здрава и чиста животна средина, сметаат од општината.
Инаку, со години наназад неколкуте групи на социјалните мрежи на кои граѓаните се жалат за проблемите низ општината се полни со фотографии од запуштени тревници, суви дрвја, гранки ниско над премините, а контејнерите за ѓубре и околу нив е посебна приказна.
Дали овој нов метод на чистење ќе даде резултати, ќе почекаме да видиме.
Инаку, пред неколку месеци Општината ангажира и приватна фирма за одржување на јавната чистота низ Аеродром, за договор вреден повеќе од 350.000 евра, но освен неколкупати што поминаа со метларки, почист Аеродром не видовме.
Од денеска пак, се спроведува и акцијата за собирање кабаст отпад во Аеродром, што ќе трае во следните два месеци.
На следниот линк прочитајте го распоредот на собирање кабаст отпад:
Почнува голема акција за бесплатно собирање кабаст отпад во Аеродром