Општина Аеродром почна да ги дели ветените 800 таблети на четвртоодделенците

Денеска во основното училиште „Блаже Конески“ започна со реализација проектот за доделување на бесплатните таблети во чии рамки повеќе од 800 четвртоодделенци од Општина Аеродром ќе добијат бесплатни таблети.
Градоначалникот Тимчо Муцунски коj присуствуваше на доделување на таблетите потенцираше дека станува збор за проект кој ќе го олесни и унапреди образовниот процес.
Станува збор за таблети од реномираниот производител „Амазон“ чија вкупна вредност изнесува над 5 милиони денари. Средствата за оваа намена се целосно обезбедени од буџетот на Општина Аеродром.
„Ставајќи ја во прв план важноста на дигитализацијата во образовниот процес, а имајќи предвид дека учениците сѐ уште немаат добиени учебници од Владата и Министерството за образование и наука, Општина Аеродром донесе одлука проектот да започне да се реализира веднаш и истиот да продолжи и во следните години. Денешниот настан, но и активностите кои ќе се реализираат во останатите училишта се уште еден доказ дека цврсто стоиме на своите заложби за обезбедување модерен и современ образовен процес во кој дигиталните алатки ќе бидат подостапни до учениците“, потенцираше градоначалникот Тимчо Муцунски.
Проектите кои Општина Аеродром ги реализира во образованието се една нова насока, која подразира современ, модерен и технолошки процес во кој главниот фокус е ставен на обезбедување подобри услови за учениците. Сите училишта на територијата на Општина Аеродром беа опремени со смарт-табли, на крововите беа поставени фотоволтаици, а од денеска секое дете добива и бесплатен таблет.