Општина Аеродром: Ќе биде преиспитан договорот со приватната маркетинг агенција
Општина Аеродром ја известува јавноста дека врз основа на јавниот интерес, како и принципите според кои се води за одговорно и транспарентно работење, кое подразбира рационалност и економичност, сукцесивниот Договор со приватната маркетинг-агенција ќе биде преиспитан.
Иницијалната потреба за зајакнување на капацитетите за информирање и едукација на граѓаните ќе биде преиспитана исклучиво врз точно одредување на јавниот интерес и критериумите за одговорни јавни комуникации.
Тоа значи одговорно трошење на парите на граѓаните, економичност и рационалност, интегритет во јавните комуникации преку отворено, транспарентно, објективно и релевантно комуницирање со граѓаните.
Граѓаните ќе бидат известени за одлуката и за натамошното постапување.
Откако неколку медиуми објавија дека речиси 73 илјади евра Општина Аеродром ќе потроши за да ги информира жителите за сработеното, но и да ги едуцира своите вработени за комуникација, со договорот кој е склучен со агенцијата МЕККЕН, од Општината денеска ретерираат.
Во ставките од договорот најмногу пари се предвидува за: Осмислување годишен план за комуникација со граѓаните и сите релевантни страни од интерес со цел нивно информирање за проектите и активностите на Општината. За ова ќе се издвојат 7 илјади евра.
Над 8 илјади евра Општината ќе ја чини – Осмислување план за едукација и јакнење на капацитетите во рамките на Општината ефикасна комуникација со граѓаните. Илјада евра ќе чинат осмислените постови на Фејсбук, Инстаграм и Твитер. А за околу две илјади евра ќе се подготвуваат материјалите за прес конференции, поканите до медиумите и пишувањето на соопштенија. Речиси 10 илјади евра е ставката за – Теренско истражување за степенот на информираност на граѓаните во врска со активностите на Општината.