Општина Аеродром ја санкционираше фирмата што ги остави жителите на Џевахир без струја


Фото: Независен весник

 

Општина Аеродром изрече парична казна за фирмата која е задолжена за одржување на кулите „Џевахир Скај Сити“, откако пред околу еден месец ги остави станарите без електрична енергија во заедничките делови на кулите А и Б од овој комплекс, соопштија од Општината.

Од таму посочуваат дека инспекторот за домување извршил вонреден надзор при што утврдил неправилности во работењето на фирмата во делот на почитување на Законот за домување и го задолжил правното лице во одреден временски период да ги отстрани утврдените неправилности.

Потоа од страна на општината е спроведена повторна контрола при што е утврдено дека субјектот на надзор нема постапено во целост по решението донесено од страна на општински инспекциски служби. Со оглед на нецелосното постапување од страна на правното лице, општинскиот инспекторат спроведе прекршочна постапка и изрече парична санкција за правниот субјект.

Имајќи ги предвид зголемениот број поплаки и забелешки од страна на граѓаните кои се однесуваат на работењето на правните субјекти кои ги одржуваат станбените објекти и постапуваат согласно Законот за домување, инспекциските служби во следниот период интензивно ќе работат на терен за утврдување на евентуални недоследности во нивното работење, се вели во соопштението до медиумите.