Определен притвор од 30 дена за Артан Груби


Фото: Б. Грданоски

На поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој со албански пасош избегал од Македонија кон Косово, Кривичниот суд му определи мерка притвор, по налог на Обвинителството.

Од Кривичниот суд,  соопштија дека е определена мерка притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами.

„По добиено известие од надлежното МВР, дека двете лица за кои Јавното обвинителство предложи мерка притвор од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода, а поврзани со истрагата за Државна лотарија, се недостапни за органите на прогон, донесе решенија со што го прифати предлогот на Јавното обвинителство и им определи мерка притвор од траење од 30 дена.“, соопштуваат од Кривичниот суд.

Со дипломатско возило на стопанственик и со албански пасош поранешниот вицепремиер Артан Груби ја преминал македонско-косовската граница, непосредно пред почетокот на полициската акција каде беше претресуван неговиот дом. Според информациите кои ги сподели премиерот Христијан Мицкоски, тој границата ја преминал со почесниот косовски конзул во Македонија – Арсим Папранику, кој исто така бил присутен во возилото. Папранику инаку е и бизнисмен кој е сосопственик на трговски центар во Скопје и сопственик на синџир продавници за бела техника во Косово, Македонија и Албанија. Сепак, Груби веќе бил на СТОП-листата и требало да биде спречен да ја напушти државата, потврдуваат од МВР.