Опозицијата обвинува: Шилегов троши по 1.500 евра за чешми што никој не ги видел
Град Скопје преку јавна набавка за 30 чешми троши по 1.500 евра за една чешма за пиење на вода, но никој не знае каде се тие. Ниту градот дозволува увид, ниту фирмата дава доказ за сработеното, вели Александар Трајановски, советник во Совет на Град Скопје од коалицијата „За Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Трајановски вели дека за таа јавна набавка се уште чека кабинетот на градоначалникот да му одобри увид во документацијата.
– Има јавна набавка која се повторува. Увидов дека сумата се пресликува секоја година и тоа паушал кој е договорен со правно лице. Во 2020 година набавката се дели на две ставки годишно и секогаш се јавува истата фирма и никогаш не се јавува конкурент. Кога ќе ја видите спецификацијата таму се околу 14 чешми од еден тип и уште 17 од друг тип за пиење вода, а прашањето е дали се нови или обновени. Бараме документација за реализација на услугата. Носителот е должен да достави документација за сработеното, потенцира Трајановски.
Трајановски смета дека се што прави Шилегов е само популизам и дека ништо не е сработено, како на пример Универзална сала која требаше да биде реконструирана, а сега пак се ветува.
-Се е тоа популизам. Ветува тунели под Кале, а овие 4 години не изградија ништо повисоко од 20 центриметри. Како што беше и за Зиплајнот, си пуштија проекција си аплаудираа како во едноумие, а ништо не се работи. Исто и трамвајот кој Шилегов го најави не е трамвај, туку автобус. Самото име Бас Рапид Систем кажува дека е автобус, а не трамвај, да не зборуваме дека нема шини туку тркала и за истото ќе се уништува зеленилото на средина на „Партизанска“. Да не зборуваме дека со тоа што ќе вози на средина ќе ги изложи граѓаните на опасност, и очекуваат сите да мижиме на тоа, нагласи Трајановски.