Опозицијата не прави ништо освен што блокира, вели Ковачевски


Димитар Ковачевски (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска коментирајќи ја најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ќе го блокираат со амандмани законот за амнестија, изјави дека блокадата е стратегија на опозицијата, која постојано ја применува и додаде дека утре во 12 часот министерот за правда ќе има брифинг со медиумите, на кој детално ќе го образложи предложениот закон. 

„Нема решение во парламентот, кое што опозицијата не го блокирала. Јас откако сум дел од Владата и дел од парламентарната дебата, било како заменик-министер за финансии, било како премиер, стратегијата на опозицијата е блокада, тоа им стана како спиритус мовенс на нивното работење, стануват сабајле и вика јас сега ќе блокирам. Тоа е веројатно нешто што во 11 години години владеење го научиле. Тогаш имавме блокирани евроинтеграции, имавме блокирани НАТО интеграции, имавме блокирани односи со соседите, имавме блокиран економски развој“, истакна Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Горска“.

Претходно денеска Мицкоски изјави: „Да, ние ќе го блокираме (законот за амнестија), тука не треба да има никаква дилема, зашто овој закон има двојна намена првата е да ослободат криминалци кои одлежуваат затворска  казна“. Тој притоа изјави дека се сомнева дали Алијансата за Албанците „воопшто постои, ако не е претопена во ДУИ или барем оној дел кој што се идентификува како Алијанса за Албанците“.