Опозицијата ќе биде „власт“ во парламентот


Премиерот Зоран Заев и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски се видоа во неделата во ресторанот во Камник, на вечера на крајот на втората сесија во рамки на процесот „Жан Моне“. Присутни на вечерата велат дека двајцата политички противници речиси воопшто не проговориле еден со друг. Затоа, пак, нивните партии во парламентот успеале за два дена да усогласат дури 23 од 29 точки во функционирањето на законодавниот дом, кои во изминатиот период биле детектирани како ризични за создавање конфликти меѓу мнозинството и опозицијата.

Таа вечер во Камник се најдоа на иста маса повеќе пратеници и лидерите на повеќето парламентарни партии, но и тројцата европарламентарци од разни политички провиниенции – Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои заеднички го иницираа дијалогот во македонскиот парламент. Словенецот Вајгл од Европската демократска партија, Словакот Кукан од Европската народна партија и Германецот Флекнштајн од Социјалдемократската партија ги трошат последните денови од своите мандати во Европскиот парламент, чиј нов состав треба се конституира идниот вторник. Во тој состав не влегува ниту еден од тројцата европратеници кои пред заминување на функциите поминаа два дена во Скопје и успеаја да ги приближат ставовите на спротивставените политички партии во македонското Собрание во врска со процедурите кои треба да овозможат поголема демократичност засилување на дијалогот и зајакнување на улогата на опозицијата…

Основна цел на сите овие измени е да се превенираат во иднина настани што останаа запишани во архивите на македонскиот парламентаризам како „црниот понеделник“ – на 24 декември 2012 – при донесувањето на буџетот и „крвавиот четврток“- односно случувањата при изборот на актуелниот спикер Талат Џафери – на конститутивната седница на овој парламентарен состав, што се пролонгираше цели четири месеци. Со тоа, пак, беше оневозможен и изборот на владата на СДСМ и на ДУИ, што се реализираше дури шест месеци по изборите во декември 2016 година, а периодот потоа го обележа меѓу другото и големото судење за случувањата на 27 април 2017 година, со сите политизации и „амнестии“ што го следеа процесот.

Затоа, една од главните новини што е предвидена со претстојните измени на Деловникот се однесува на времетраењето на конститутивната седница. Во иднина, конституирањето на парламентот би било ограничено на само два дена – едниот за верификација на мандатите, а вториот за избор на прв парламентарец. Со конститутивната седница ќе претседава најстариот пратеник.

Според наши информации, повеќето од усогласените точки се во насока на оставање што поголем простор за дејствување на парламентарната опозиција. Највпечатлива промена во тој дел е што еднаш месечно ќе има седница, во траење од два часа, на која само опозициските пратеници ќе им поставуваат прашања на министрите и на други членови на извршната власт. Покрај тоа, останува редовната седница за пратенички прашања, еднаш месечно, на која ќе се остави простор за повеќе усни прашања, односно од „дневен ред“ се симнуваат прашањата што пратеници ги поставиле по писмен пат, а за кои ќе биде оставен посебен простор за објавување на собраниската интернет страница.

Нашите информации се дека се засилува и улогата на потпретседателите на парламентот од редовите на опозицијата, кои ќе имаат можност за процедурални забелешки во тек на седница, како и за поднесување претставка до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања за евентуални прекршувања на собранискиот Деловник, за што, сепак, последниот збор ќе го има претседателот на парламентот. Исто така, се остава поголем простор за опозициските пратеници да предлагаат закони, со тоа што на секоја втора седница прва точка на дневен ред би бил предлог што е поднесен од опозицијата.

Се предвидуваат дополнителни интервенции и во постапката за донесување на буџетот, така што општата расправа се ограничува на четири, а амандманската на шест дена. Се даваат и два дена плус за разгледување на преостанати опозициски амандмани, како и уште еден ден за владата да се изјасни дали ги прифаќа или не сите преостанати амандмани. Значајни новини, според информациите, се предвидени и во делот на надзорните расправи, главно, по примерот на британскиот Парламент. Оттаму е преземен и „уренкот“ за опозициските пратенички прашања, а во текот на викендот, во рамки на дијалогот „Жан Моне“, преку конференциска врска имало и презентација за моделот на обезбедување на британскиот Парламент.

Самостојноста на собраниските буџет и обезбедување, исто така, беа теми за кои се дискутираше на оваа сесија од дијалогот што го иницира Европскиот парламент. Оваа фаза од процесот „Жан Моне“ еднаш беше одложена – кон крајот на февруари минатата година, кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува поради изречени притвори на нејзини функционери.

Пратеничкиот имунитет останува жешка точка

Проблематична и тешко за усогласување, наводно, останува барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се интервенира во процедурата за одземање имунитет на пратеник, така што одлуката за тоа би се носела со двотретинско, наместо со сегашното апсолутно мнозинство. Исто така, опозицијата предлага и воведување механизам за враќање на имунитет на пратеник. Главната дилема во врска со овие барања е што имунитетот на пратениците е материја што е уредена со Уставот, а не единствено со собранискиот Деловник кој е сега тема на расправа.

Отворено е и прашањето за ограничување на времето за донесување закони, со намера да се оневозможи некои значајни точки да се одолговлекуваат со месеци од дневно-политички причини. Предлогот е постапката за донесување закон да трае максимум по три дена во матичната комисија и на пленарна седница.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, на заедничката прес-конференција со тројцата европратеници, информира дека е постигната согласност за финансиската независност на парламентот, за обезбедувањето и прашања што се однесуваат на собраниската служба, потоа за надзорната улога на парламентот и за начинот на организирање надзорни расправи.

На прашање кои се темите за кои сè уште нема договор, Џафери го спомна ограничувањето на дискусиите, начинот на избор на генерален секретар и заменици на генералниот секретар, како и прашањата во врска со имунитетот, како и дел околу скратените постапки.

„Тоа се работи што може да ги третираме, но ги оставивме отворени за да можеме да допрецизираме одредени дилеми што се искажаа како резултат на дебатата во смисла на она што ќе биде конечната одлука за подоцнежно практично спроведување на работите што ќе ги третира Деловникот“, рече Џафери

Во врска со конститутивната седница, рече дека тоа е веќе усогласено и е прецизиран начинот на почеток и завршување на конститутивна седница. Во тој дел, рече, е додадено ново поглавје во смисла на издвојување на процедурата за избор на претседател и потпретседатели за да не бидат на една иста седница.

Џафери очекува поддршка за продолжување на процесот „Жан Моне“ и од новиот состав на Европскиот парламент. Првата средба во рамки на дијалогот „Жан Моне“ претставниците на парламентарните партии во Собранието ја одржаа минатата година во Охрид, кога беше усогласен Етичкиот кодекс на Собранието.

Александра М. Митевска