Опозицијата ја тресе фотелјата на Гаши, ВМРО-ДПМНЕ молчи
Левица поднесе интерпелација за Африм Гаши, СДСМ бара поддршка од премиерот Мицкоски за смена на спикерот на парламентот
СДСМ ќе даде поддршка на премиерот Христијан Мицкоски за итна смена на претседателот на Собранието, Африм Гаши, по инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, во кој учествуваше неговиот шеф на обезбедување кој доби кривична пријава и отстранување од работното место.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, вели дека како партија го повикуваат обвинителството да покрене постапка и го повика премиерот Христијан Мицкоски да излезе во јавност и да побара политичка одговорност од Гаши.
„Овој случај не може да се смета за затворен додека сите инволвирани во него не понесат одговорност. Институциите се должни итно да започнат постапки. На Мицкоски му порачуваме наместо да се нуди да биде ексорт на ВИП личности на скопскиот аеродром, да обезбеди почитување на правото кое не го вади од уста. Нека го доведе Гаши до одговорност за случајот“, изјави Кузеска.
Според неа, не е доволно што ВМРО-ДПМНЕ побарало одговорност од извршителот, а не и од нарачателот и кажа дека министерот Тошковски на овој начин „удира по самарот“ и го штити спикерот, на сметка на неказнивост, самоволие и непочитување на македонските закони.
„Според извештајот на МВР стои дека пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен аеродром ‘Скопје’ од страна на претседателот на Собранието и дека санкциите кон обезбедувачот и другите вработени во МВР, дел од обезбедувањето на Гаши се поради извршување незаконска наредба“, рече Кузеска.
Левица отиде чекор понатаму и поднесе интерпелација за работата на Гаши поради тоа што воведувал непринципиелни политики во Собранието. Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, очекува интерпелацијата да се најде на дневен ред на седница по летните одмори, односно на почетокот на септември, а е заснована на седум точки кои се образложени на десет страници.
„Првите две точки се однесуваат на повреда на секуларноста на државата со групната молитва во Собранието што ја направи Гаши и повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП-личности со инцидентот на скопскиот аеродром пред пет дена во кој учествуваше шефот на обезбедувањето на Гаши“, рече Апасиев.
Дополнително, како останати основи Апасиев ги наброја повредата на употребата на македонскиот јазик затоа што Гаши, како што вели тој, свесно го истиснува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и воведува илегална двојазичност, дури и за пратениците кои се Македонци, потоа повреда на правила за употреба на државните инсигнии, повреда на начелото на инкомпатибилност на функциите како и повреда на законските и етичките одредби за антинепотизам.
„Сметаме дека со тоа што сопругата на Гаши патуваше со него во Вашингтон повреден е Законот за спречување на корупција и е направена тешка дисциплинска повреда на етичкиот кодекс за пратениците… и последниот основ е повреда на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците поради тоа што не се почитуваат императивните рокови за закажување седници, поради тоа што продолжува лошата пракса на шверцување закони по скратена постапка и поради тоа што не се обезбедени низа деловнички гаранции за нормално функционирање на пратениците“, порача Апасиев.
Тој рече и дека сѐ уште стојат на јавниот повик до ВМРО-ДПМНЕ дека стојат на располагање за избор на нов човек од нивната пратеничка група за кој ќе дадат бланко поддршка и дека очекува пратениците да ја изгласаат нивната интерпелација за работата на Гаши.
Од ВМРО-ДПМНЕ упорно молчат на повиците за повлекување на Гаши, а факти од истрагата наводно чекаат и во „Вреди“. Пратеникот Беким Сали денеска изјави дека тој не може да каже точно што се случило на скопскиот аеродром и дали некој треба да сноси одговорност оти за тоа треба да се произнесат надлежните органи.