Опозицијата бара Тошковски да го разреши началникот во Демир Хисар по скандалот со директорката
СДСМ и Левица бараат министерот Тошковски да не го заташкува случајјот, а обвинутелството да покрене постапка за постапките на началникот Роберт Мартиновски

Двете опозициски партии, СДСМ и Левица, денеска побараа министерот за внатрешни работи да го разреши началникот на полицијата во Демир Хисар кој без налог на обвинителството бараше директорката на средното училиште да биде приведена на носила. Барањето на СДСМ го изнесе на прес-конфренција Трајче Стојчевски, претседател на СДММ.
Тој рече дека скандалот со злоупотребата на полицијата за партиски цели во Демир Хисар потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ не бира средства за да ги заплашува граѓаните пред изборите.
„Откако Обвинителството вчера јасно потврди дека немало наредба ниту налог за приведување на директорката, денес бараме итно Обвинителството да покрене постапка за кривична одговорност на партискиот послушник – началникот Роберт Мартиновски.
Мартиновски, човек на Тошковски и поставен уште од првиот ден на неговото доаѓање на министерската функција, е очигледно ударната тупаница на ДПМНЕ за заплашување на граѓаните и малтретирање пред избори.
Обвинителството не смее да молчи – постапка мора да се покрене веднаш.
Понатаму, инспекторот Ѓорѓи Митревски, кој бил унапреден истиот ден кога се случил настанот, наместо да раководи со претресот, му дозволил на Мартиновски да го преземе водењето. Прашуваме – по чиј налог“, рече Стојчевски.
Тој нагласи дека полицијата демонстрира сила врз жена директорка која е болна, потврдено од лекар, а Тошковски ги брани насилниците и криминалците поврзани со ВЛЕН кои вршат насилство во Чаир врз државни службеници. Тошковски наредува да се апси жена без налог, но истовремено нема проблем да шетаат слободно познати криминалци како Ѓаволот, баран со потерница.
СДСМ бара:
– Панче Тошковски да не го забошотува случајот со внатрешна контрола и да не ја замајува јавноста.
– Началникот Мартиновски веднаш да биде разрешен, а МВР да му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
– Основното јавно обвинителство во Битола мора да реагира, да ги истражи сите аспекти на незаконското постапување на полицијата и кривично да ги гони сите инволвирани.
– Дополнително, целиот случај со прогонот на Лозановска мора да биде санкциониран.
– Одговорност мора да понесе и Панче Тошковски затоа што тој е виновен за началниците кои ги назначува.
Левица во своето соопштение наведува детали од кариерата на Мартиновски и нагласува дека тој порано бил суспендиран поради барање рекет.
„Информациите кои пристигнаа до Левица за началникот Роберт Мартиноски докажуваат дека се работи за непрофесионален кадар, кој сега стана познат на целата јавност како извршител на партиски наредби. Кариерата на Роберт Мартиноски започнува за време на владеењето на СДС, кога се вработува на позицијата помлад инспектор. Како што се менува партијата на власт, така и актуелниот началник ги менува партиските вредности, па за време на владеењто на ДПМНЕ, истиот е унапреден во инспектор за општ криминал.
Додека ја обавува оваа позиција, Мартиноски е суспендиран во своето работење поради барање рекет, за кога доаѓа Тошковски на чело на МВР, токму овој кадар да биде поставен за началник на ОВР Демир Хисар! Ова се скандалозните кадровски решенија на Панче Тошковски, кои сега спроведуваат безаконие и се обидуваат противправно да лишат од слобода лица по партиска наредба. Фактите за скандалот во Демир Хисар се јасни – началникот Мартиноски немал правен основ да лиши од слобода затоа што немало налог од суд, додека без налог од суд полицијата може да лиши од слобода во прецизно наведени случаи, кои не се исполнати во случајот со директорката од Демир Хисар“, велат од Левица.
Оттаму нагласуваат дека Панче Тошковски наместо да го заташкува случајот со внатрешна контрола, тој треба веднаш да го разреши началникот Роберт Мартиноски и против него да биде поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба.