ОПЕК ќе го намали призводството на нафта за два милиони барели дневно за да ја зголеми цената

Драматичното намалување на производството на нафта може да ѝ помогне и на Русија, која е копретседавач со ОПЕК+


 

Министерскиот комитет за мониторинг на ОПЕК+ се согласи да го намали производството на нафта за два милиони барели дневно. Тоа го пренесува Ројтерс, повикувајќи се на три извори.

На оваа позадина, цената на нафтата брент на лондонската берза почна да расте, искачувајќи се над 93 долари за барел.

Состанокот на 24-те земји-производители на нафта од ОПЕК+, вклучително и Русија, доаѓа во време кога поголемиот дел од светот веќе се бори со зголемените трошоци за енергија. Намалувањето на снабдувањето, исто така, може да ги влоши тензиите меѓу Саудиска Арабија и САД, каде што претседателот Бајден се обидува да ги заузда цените на бензинските пумпи пред среднорочните избори.

ОПЕК+, формиран во 2016 година, вклучува 13 членки на Организацијата на земји извознички на нафта и 11 други членки кои не се членки на ОПЕК.

Нејасно е колкаво зголемување на цената би предизвикало намалувањето на понудата. Светот троши до 100 милиони барели нафта дневно, па дури и симнување на 1 милион барели нафта од пазарот би имало забележлив ефект.

Можниот потег се смета за обид на Саудиска Арабија да ги зголеми цените, кои достигнаа до 120 долари за барел во текот на пролетта, но почнаа да се намалуваат поради загриженоста за забавување на глобалната економија. Тие паднаа на помалку од 90 долари за барел во септември.

„Се чини јасно дека ова не е исходот што Бајден го посакуваше кога отиде во Саудиска Арабија барајќи повеќе нафта“, вели Жак Русо, управен директор на ClearView Energy Partners. „И така, тоа дефинитивно може да биде проблем понатаму“.

Саудиска Арабија, исто така, беше загрижена поради поплавата на нафта од итни резерви на западните земји.

Драматичното намалување на производството на нафта може да ѝ помогне и на Русија, која е копретседавач со ОПЕК+. Нејзината економија се заснова на приходи од енергија, кои сега се клучни за нејзината воена кампања во Украина. И покрај санкциите, Русија не доживеа огромен пад во производството.