ООУ „Лазо Трповски“ за последен пат учествуваше на Меѓународниот литературен натпревар во Токио, Јапонија


 ООУ „Лазо Трповски“ – Скопје оваа година за последен пат учествуваше на Меѓународниот литературен натпревар во Токио, Јапонија, што е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио. Станува збор за глобален проект кој се реализира од 2020 до 2030 година, а во кој активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО.

На натпреварот годинава учествуваа вкупно 15 744 учесници од 152 земји, со свои лични творби, напишани во форма на есеј на тема „Улогата на младите во справувањето со конфликт“. Училиштето го претставуваа тројца ученици: Ана Антовска, Ѕвездан Михајловски и Анѓела Станојевиќ, под менторство на предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски.

Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.

-ООУ „Лазо Трповски“ оваа учебна година последен пат учествува и со тоа го заокружува успешниот циклус на учества на Меѓународниот литературен натпревар за млади, кој традиционално се одржа во во главниот град на Јапонија. Минатата календарска година ООУ „Лазо Трповски“ 14. пат едноподруго, учествуваше на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија, на кој досега има освоено три награди (2015, 2016, 2021 и 2023 година), соопшти Симовски.

Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ во главниот град на Јапонија.

-Голема благодарност до сите сегашни и поранешни ученици кои достојно ги претставуваа училиштето и ја афирмираа Македонија во светски рамки. Голема благодарност до сите надворешни лица од кои најголем дел самоиницијативно и ентузијастички им дадоа поддршка на учесниците од ООУ „Лазо Трповски“. Само како мало потсетување меѓу нив беа писателите за деца и млади Бистрица Миркуловска и Саво Костадиновски, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, почесниот конзул на Јапонија во Македонија Казу Лешниковска и Амбасадата на кралството Јапонија во Македонија. Организаторите на натпреварот решија со прославата на дваесетипетгодишниот јубилеј повеќе да не го организираат натпреварот и да објават јубилејна монографија во која ретроспективно и хронолошки ги објавија сите теми, сите наградени учесници од целиот свет и сите земји учеснички, соопшти Симовски.