Оние со бугарски пасоши ќе можат да одат во Британија само туристички, а не и да работат


Британското министерство за надворешни работи објави дека лицата што имаат бугарски пасоши од 1 јануари 2021 година во земјата ќе можат да влезат и да останат во земјата без виза најмногу шест месеци. За тој период тие ќе можат да останат за туризам, учество на состаноци или конференции, кратки курсеви, но нема да можат да живеат постојано, да работат или да имаат пристап кон јавните фондови.

Според упатството на британското министерство, оние што имаат бугарски пасоши ќе можат да добијат работна виза ако се квалификувани работници во здравствениот сектор, ако се високо квалификувани работници или исклучителни таленти, потоа во рамките на студенската размена, ако се иновативни претприемачи или имаат специјални професии.

Според новите правила бугарските граѓани што аплицираат за долготрајна виза мора да ги платат здравствените трошоци преку јавното здравство на Британија. Оние што имаат бугарски пасош а имале статус на „постојан престој“ или „привремен постојан престој“ ќе можат да влезат во Велика Британија со нивните ID лични карти само до 31 декември оваа година.