Оние што ќе градат фотоволтаични централи ќе мора да инсталираат и батерии

Лани биле издадени 267 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори кои се доволни за снабдување на 65.700 домаќинства


 

Од годинава оние кои што ќе градат фотоволтаични централи најверојатно ќе мора да инсталираат и батерии со цел да се балансира снабдувањето со електрична енергија. Според најавите, таквата обврска ќе биде од 10 – 20 отсто од инсталираниот капацитет на фотоволтаичната централа, што ќе доведе и до зголемување на инвестицијата за околу 20 до 30 отсто. Сепак, таквите трошоци би можеле да се намалат со фондови кои ги има Европската комисија за таа намена и за кои се верува дека ќе важат и за нашата земја.

Ова денес на прес-конференција го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски кој даде пресек на изградените капацитети од обновливи извори на енергија во минатата година, како и очекувањата за годинава. Според него, 2022 година беше исклучително успешна: Регулаторната комисија за енергетика има издадени 267 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори.

„Тоа се производствени капацитети кои што се приклучени или на преносна или на дистрибутивна мрежа и произведуваат електрична енергија. Најмногу, 106,5 мегавати се фотоволтаични електрани, 36 мегавати се ветерна електрана, прва приватна инвестиција во ветерна електрана во Свети Николе, потоа 7,2 мегавати се мали хидроелектрани и 2,5 мегавати се електроцентрали кои што користат биогас од биомаса“, рече Бислимоски.

Споредено со 2021 година вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија е зголемен за седум проценти.

Како што посочи Бислимоски, ваквиот инсталиран капацитет на електраните од обновливи извори на енергија одговара на инсталираниот капацитет кои што го имаат ХЕЦ „Козјак“, ХЕЦ „Света Петка“ и ветерниот парк во Богданци.

„Се разбира производство т на електрична енергија од фотовалтаиците  е помало, но како инсталиран капацитет сме на тоа ниво“, рече Бислимоски.

Тој додаде дека произведената електрична енергија од новоизградените електрани од обновливи извори може да снабди 65.700 домаќинства или тоа се приближно шест града во Македонија како што се Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Свети Николе каде што потребите од електрична енергија домаќинствата можат да ги обезбедат новоизградените обновливи извори во државата.

Бислимоски посочи дека Македонија најнапред отишла во регионот во транзицијата од термоелектрани на обновливи извори. Ваквите трендови ќе продолжат и оваа година за што РКЕ веќе има добиено нови 13 барања за фотоволтаици, така што се очекува дека ќе има нови 250-300 мегавати во 2023 година.

„Сето тоа ја олеснува состојбата на компаниите кои што во најголем дел ги поставуваат фотовалтаиците за да ги намалат своите трошоци за електрична енергија, но она што е уште побитно е тоа што државата ја зголемува енергетската независност“, рече Бислимоски, додавајќи дека сепак, термоелектроните мора да работат додека има резерви на јаглен.

Тој објасни дека обновливите извори се добри, особено фотовалтаиците, бидејќи помагаат да се намалат за многу краток период трошоците за електрична енергија, пред се на компаниите. Но, како што додаде, од аспект на водење на системот може да претставува проблем.

„Затоа, помеѓу другото, оваа година ќе се сконцентрираме најмногу на носење на подзаконска регулатива за поставување батерии, за што имавме средба со директорот на МЕПСО. Целта е произведената електрична енергија од фотовалтаиците да може да користи и во други периоди на денот. Како што покажуваат и берзите, во текот на денот во пролет и во лето цената на електричната енергија ќе се намалува бидејќи се изградија многу производствени капацитети од обновливи извори, пред се од фотоволтаици“, рече Бислимоски, додавајќи дека во Грција се градат многу фотоволтаици, во Србија ветерни електрани, а и во другите земји во регионот.

Бислимоски објасни дека најверојатно оние кои што поставуваат фотоволтаици ќе имаат обврска да постават одреден инсталиран капацитет и од батерии се со цел да може да го израмнат дијаграмот, и тој трошок, обврската за балансирање да не паѓа во целост на ЕСМ. Според информациите што ги има, Европската комисија дава сериозни субвенции и тој верува дека тие ќе важат и за нашата земја.

Одговарајќи на новинарски прашања, Бислимоски рече дека како технологија, батериите се уште се релативно скапи, и некаде може да ја зголеми инвестицијата за 20-30 проценти.

„Но, затоа велам дека има сериозни субвенции кои што таа разлика ќе ја намалат, односно нема драстично да ја зголеми инвестицијата“, рече Бислимоски.

Притоа, објасни дека секој производител треба да достави номинација какво ќе биде производството во текот на денот и доколку не се држи до таа номинација, доколку на пример од било кои причини се намали неговото производство, ќе влезе во дебаланс и тој дебаланс би го чинел многу повеќе отколку што би го чинела инвестицијата во батерии.

„Батериите им даваат стабилност и на самите фотоволтаични електрани да си го планираат своето производство“, рече Бислимоски.

Сега се прават анализи, но некои искуства покажуваат помеѓу дека помеѓу 10 и 20 проценти од инсталираниот капацитет на фотоволтаикот треба да бидат батерии.

„Тоа е добро и за самите производители бидејќи нивниот ризик од зголемени трошоци за дебаланси би го намалиле“, рече Бислимоски.

Тој посочи дека обновливите извори се добри и иднината е таму, но од аспект на водење на системот знаат да прават проблеми што со вакви инвестиции ќе се намалат.

Инаку, Бислимоски ланската година ја оцени како исклучително успешна.

„Во независна Македонија до сега ова е рекордна година верувам дека во 2023 и овој рекорд ќе се надмине, но притоа да бидеме внимателни и да дадеме можност да се поставуваат батерии“, рече Бислимоски. (М.Ј.)