Оние од „Делчевски ниви“ навлегоа во МРТ, тврди Левица
Левица денеска објави шема на тендер каде директно се инволвирани фирми на обвинети во случајот „Делчевски ниви“. Партијата тврди дека фирма на едно од обвинетите лица добила тендер од МРТВ каде што, наводно, на висока позиција се наоѓа негов бизнис партнер кој е исто така обвинет во истиот предмет.
„Во случајот ‘Делчевски ниви’, две лица (покрај останатите) се јавуваат како обвинети Дарко Ќурчиски и Орце Тодоровски. Токму Дарко Ќурчиски, преку фирмата ‘Ал Дарив – Пехчево’ во 2023 година добива тендер од 600.000 денари за набавка на прозори од МРТ. Во МРТВ долги години на високи позиции фигурира Орце Тодоровски, кој со Ќурчиски се заедно обвинети во случајот ‘Делчевски ниви’. Орце Тодоровски е и поранешен партнер во бизнисот со хидроцентрали со Мицкоски“, велат од Левица.
Дарко Ќурчиски и Орце Тодоровски заеднички ја поседуваат бензиската пумпа „ОИЛ ДЕ” во Делчево.
„Дали обвинителството, за кое министерот Тошковски не штеди пофални зборови, има намера да поведе постапка за судирот на интереси и влијание при делење тендери меѓу двајца бизнис партнери?! Со јавниот сервис МРТВ раководи директорот Марјан Цветковски, поставен уште во 2012 година, при владеењето на Груевски. Како никоја друга институција, се чини дека партиските корени пуштени во радиодифузниот сервис не можат да се искоренат цели 13 години.
Случајот ‘Делчевски ниви’ пропадна под сомнителни околности, со промена на исказ на повереникот во ЕВН, за кој во јавноста се шпекулираше дека е поставен од СДСМ. Се чини дека обвинетите лица во ‘Делчевски ниви’, кои важат за блиски до Мицкоски, шемата за цедење државни пари успешно ја пресликуваат и во јавниот сервис. За министерот Тошковски правдата е слепа кога треба да се истражуваат фирмите и лицата блиски до Мицкоски, па затоа ниту една институција не се осмелува да го расветли криминалот во МРТВ, каде раководат партиски послушници од неговата партија“, велат од Левица.