Она што го тврди Црвенковска, да го пријави во институциите, порача Тупанчески
Добро ќе биде она што го тврди поранешната претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, да го пријави до институциите, изјави денеска министерот за правда Никола Тупанчески, коментирајќи изјавата што таа ја даде поднесувањето оставка од функцијата за наводната хајка од страна на „судската-бизнис елита“.
– Црвенковска поднесе оставка, меѓутоа со нејзината оставка имаше коментар кој што не само мене, туку сите нас треба да не загрижи. Мојот коментар на нејзината изјава ќе биде – добро ќе биде ако навистина она што го тврди, тоа што беше дадено во официјална изјава, да го пријави до институциите, наведе Тупанчески при пуштањето на употреба на новата дигитална судница во Идризово.
Тој потсети дека уште кога дошол на функцијата нагласил дека оваа година ќе биде прилично турбулентна во однос на тоа што ќе се случува во правосудниот сектор.
– Кога велам турбулентна, мислам на изборот на различни нивоа, ова претставува изборна година во правосудството и можам слободно да кажам дека импликациите или она што се ќе се случува оваа година, ќе има консеквенции наредните четири години, наведе министерот за правда.