ОН: Во моментот ниту едно место во Појасот Газа не е безбедно за цивилите
Портпарол на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА), Јенс Лаерке изјави дека натамошните судири во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа ќе ја загрозат испораката на веќе ограничената хуманитарна помош.
Тој предупреди дека повеќе од милион луѓе во моментов се во Рафа и дека живеат во многу тешки услови.
– Сè почестите конфликти во Рафа претставуваат ризик од уште повеќе цивилни жртви. Зголемувањето на конфликтите во Рафа, исто така, ќе ја попречи и онака ограничената испорака на хуманитарна помош, посочи Лаеркеј.
Според него ниту едно место во Појасот Газа во моментот не е безбедно за цивилното население, истакнувајќи дека присилното и масовно раселување на луѓето е забрането со меѓународното право.
Палестинската новинска агенција ВАФА објави дека во израелските напади врз Рафа загинале повеќе од 100 луѓе, а стотици се повредени.