(Видео) Буенос Аирес во пламен, големи протести поради контроверзната реформа на претседателот


Интервентната полиција во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите пред зградата на Конгресот, откако пратениците во Сенатот на Аргентина првично ги одобрија реформите на претседателот Хавиер Милеи.

Демонстрантите велат дека мерките ќе им наштетат на милиони Аргентинци бидејќи предвидуваат кратења на буџетот и социјалните бенефиции.

Контроверзни реформи
Локалните медиуми објавија за бројни повреди, а сцените ги опишаа како „бојно поле“. На солзавецот и водените топови на полицијата демонстрантите одговорија со фрлање камења и запаливи средства, при што беа запалени неколку автомобили, јавува Би-би-си.

Пакетот реформи, предложен од десничарскиот претседател Хавиер Милеи за заживување на болната економија во земјата, вклучува прогласување вонредна состојба, кратење на пензиите и либерализација на пазарот на труд, што според многумина е најава за ерозијата на работничките права. На мерките се спротивставуваат левичарските политички партии, синдикатите и општествените организации.

Предлогот, кој првично беше изедначен (36-36) во Сенатот, беше прелиминарно усвоен откако претседателот на Претставничкиот дом, потпретседателката Викторија Виљаруел го даде одлучувачкиот глас.

„За оние Аргентинци кои страдаат, кои чекаат, кои не сакаат да ги видат нивните деца како ја напуштаат земјата, мојот глас е потврден“, рече потпретседателот и лидер на Сенатот Виљаруел. Законот мора да помине и во Долниот дом за да биде усвоен.

„Земјата не се продава“
Во пресрет на усвојувањето на законот во Сенатот, демонстрантите скандираа: „Земјата не се продава, земјата се брани“, додека на еден транспарент пишуваше: „Како може шефот на државата да ја мрази земјата?

Судирите избија претходно во текот на денот, кога демонстрантите се обидоа да го пробијат патот кон Конгресот преку огради, фрлајќи камења кон полицајците.

Набљудувачите и опозициските пратеници рекоа дека десетици демонстранти и неколку пратеници морале да побараат лекарска помош. Најмалку пет пратеници од опозицијата се хоспитализирани, изјави пратеничката Сесилија Моро. Најмалку 20 полицајци се исто така повредени, соопштија официјални лица. Безбедносните сили соопштија дека уапсиле 15 лица.

Милеи ги нарече демонстрантите терористи
Полицијата подоцна ги оттурна демонстрантите, кои наводно запалиле две возила, меѓу кои и она на весникот. „Не можеме да веруваме дека во Аргентина дебатираме за закон кој ќе не врати 100 години назад“, вели 55-годишниот адвокат Фабио Нуњез.

Кабинетот на претседателот Милеи објави соопштение во кое им се заблагодарува на безбедносните сили за потиснувањето на „терористите“ кои се обидуваат да извршат државен удар. „Ќе ја промениме Аргентина, ќе ја направиме најлибералната земја во светот“, рече Милеи на конференцијата во Буенос Аирес.

Контроверзниот Хавиер Милеи ја презеде функцијата претседател минатата година, откако вети драстично намалување на јавната потрошувачка.

Тој дури мавташе со моторна пила на кампањата за да ја симболизира својата решеност да го стори тоа. Оттогаш, тој го преполови кабинетот, скрати 50.000 јавни работни места, суспендираше нови договори за јавни работи и ги укина субвенциите за гориво и транспорт, додека годишната инфлација во Аргентина се приближува до 300%.