ОН повикува на воздржаност по убиството на „таткото“ на иранското нуклеарно оружје


Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереро повика на воздржаност по убиството на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризадех, познат како „таткото“ на иранската тајна програма за нуклеарно оружје.

-Видовме извештаи дека ирански нуклеарен научник е убиен во близина на Техеран. Повикуваме на воздржаност и укажуваме на потребата да се избегнат какви било активности што може да резултираат со ескалација на тензиите во регионот, изјави портпаролот на генералниот секретар на ОН, Фархан Хак, пренесоа американските медиуми.

 Фахризадех е убиен во атентат во близина на Техеран, потврди министерството за одбрана. Иранската влада го опиша убиството како терористички чин.

Меѓу 2010 и 2012 година, четворица ирански нуклеарни научници беа убиени во серија атентати, за што Иран го обвинуваше Израел.

„Вооружени терористи го нападнаа возилото во кое беше Фахризадех, шефот на нашата организација за иновации и истражување. Во судирот на терористите со неговите телохранители, Фахризадех беше тешко ранет и превезен во болница, каде што почина“, објави министерството за одбрана.

Фахризадех важеше за најпознат ирански нуклеарен научник и висок офицер на Иранската револуционерна гарда. 

Главните ирански непријатели, САД и Израел, стојат зад фаталниот напад врз нуклеарниот физичар Мохсен Фахризадех, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани, јави ДПА.Рохани го обвини Израел дека дејствувал како „американски платеник“ и дека убил висок научник во иранската нуклеарна програма.

„Уште еднаш, немилосрдните раце на ароганцијата на светот со ционистичкиот режим како платеник се обоени со крвта на син на оваа нација“, напиша Рохани во изјавата на својата официјална страница, осврнувајќи се на вчерашното убиство на научникот Мохсен Фахризадех во близина на Техеран.

Иран терминот „светска ароганција“ го користи за да ги означи САД, додава ДПА.