ОН: Педесетина ирачки затвореници може да бидат погубени без фер судење


Педесетина осудени лица за тероризам во Ирак во понеделник може да бидат погубени, предупредуваат тројца експерти на Обединетите нации, истакнувајќи дека на осудените лица немале фер судења и затоа ги повикаа властите веднаш да ги прекинат „масовните погубувања“.

„Ирачките власти во октомври почнаа бран на егзекуции на затвореници во големиот затвор во Насирија, на југот на државата“, се наведува во соопштението на екпсертите на ОН, додавајќи дека 21 затвореник веќе биле погубени во октомври, а уште толку на 16 ноември.

„Ги повикуваме ирачките власти да ги почитуваат нивните меѓународни правни обврски и веднаш да ги откажат сите планирани погубувања на затвореници“, наведуваат известувачите на ОН, истакнувајќи дека се многу загрижени за текот на судските постапки и изнудата на признанија преку тортура.

-Доколку се извршат систематски и масовно, самоволните егзекуции можат да бидат кривично дело против човештвото и да опфаќаат општа кривична одговорност за кој било државен службеник вклучен во таквите дела, предупредуваат Нилс Мелцер, известувач на ОН за тортура, Фионуала Ни Аолаин, известувач за човековите права и основните слободи во борбата против тероризмот и Агнес Каламард, известувач за непосредни и произволни егзекуции.

Во исто време, тие посочуваат дека „судските постапки, спроведени во рамките на законот за сузбивање на тероризмот, беа обележани со загрижувачки неправилности“.

“На обвинетите често пати им беше скратено основното право на соодветна одбрана, а нивните тврдења дека биле малтретирани и злоупотребувани за време на сослушувањето не се под истрага”, додаваат тие.

Во Ирак смртна казна чекаат околу 4.000 затвореници, главно обвинети за тероризам, , а стотици од нив ќе бидат „сигурно“ погубени, се наведува во соопштението на независните експерти.

Откако Ирак прогласи победа над вооружената група Исламска држава, кон крајот на 2017 година, ирачките судови изрекоа стотици смртни казни.