„Омеѓени приказ(н)и“ – изложба на цртежи од Тони Васиќ во КИЦ
Изложбата „Врамени приказ(н)и“ на проф. д-р Тони Васиќ е составена од 17 цртежи (70 х 100 см), избор од серијата од дваесетина цртежи инспирирани од мотивот глуварче. Цртежите се работени на бела хартија, со туш и перце, во време на Ковид-19 карантин и изолација (од 13 март 2020 до 13 септември 2021).
Еве што напиша за изложбата Катица Ќулавкова:
„Првата асоцијација за изолацијата е осамата, тишината, медитацијата, аскетизмот. Таа е ослободување од вишокот комуникација со другите и од информацискиот стрес. Таа е пат кон себе. Таа е свртување на фокусот од феномените кон суштината: од агресивниот колорит кон белината, онаа девствена белина кое не ужаснува, туку копнее по допирот со дискретните нијанси на отсјајот на Сонцето, оној флеш на окото и на објективот, оној проблесок на имагинацијата, онаа состојба на хармонија.
„Сѐ бело на цртежите е белината на хартијата“, ми рече авторот Тони Васиќ. Си помислив, едноставно, минималистички, ама после ги разгледав цртежите и видов дека токму белината што би ја замислиле како празно место, остаток или маргина околу средишниот мотив на цртежот, всушност го претставува средишниот мотив – глуварчето. Сите глуварчиња се нацртани, насликани, „направени“ од белината на хартијата. Тие се истовремено и умешност на инверзијата, и пофалба на имагинацијата, и ода на радоста. Белото глуварче ја чува својата белина како знак на препознатливост. Белото е позајмено од хартијата, формата е дело на врвен мајстор, нијансите се показ на еден суптилен менталитет, цртежот како целина е приказна која е шепотена тивко, но страстно. Белото е како заштитена ликовна зона на цртежот. Белото е центарот на цртежот, неговиот внатрешен свет, неговиот ликовен ерос.
А ерос има во цртежите на Васиќ. Ако еросот е врховен копнеж по телесноста, тогаш тоа е изворниот копнеж на глуварката, да биде телесна, да биде во просторот и времето макар кратко, кревко, менливо, минливо, ама да биде. И додека постои, глуварката е шармантна до болка, но и податлива за игра, егзотична игра на облиците. Глуварката е самата кореограф на својот танц, како што и Цртачот на глуварките е специјален кореограф.
Секогаш белите приказни на глуварките се врамени со црното писмо на тушот секогаш на различен начин. Истото се диференцира на многу начини затоа што се огледува во сите бои и облици на природата. Оти глуварчето можете да го гледате и низ призма на небото, и низ призма на земјата, под разни агли и во разни положби. Неговиот допир е неговиот нарцизам, неговото забрането огледување во изворот. Но глуварчето не би било глуварче ако не биде допрено од пеперутката, од ветерот, од детските усни, од габарите, од фотографите, од сликарите. Едно уууууух, и белата стварност ќе се претвори во фикција, уште поубава, уште позабавна, уште поентропична, уште поподатлива за ликовна перцепција.
Изложбата ќе биде отворена до 03.10.2023 година. Настанот е финансиран од Град Скопје и е дел од проектот „Скопје кандидат за Европска престолнина на културата 2028“.
ТОНИ ВАСИЌ
2002 – Магистрирал графика на Факултет за ликовни уметнотсти – Скопје, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје
2016 – Докторат на Институтот за културолошки студии, Универзитет Евро-Балкан, Скопје