Олимпискиот оган тргна од античка Олимпија да шири мир во време на војни (ВИДЕО)

Церемонијата во античка Олимпија ја следеа илјадници туристи од целиот свет и стотици претставници на спортот, политиката и културата


Оган на мирот (Фото: АП)

 

(Од нашиот известувач)

ОЛИМПИЈА, Пелопонез – Олимпискиот оган вчера „тргна“ од античка Олимпија за да го најави почетокот на најголемите спортски игри кои годинава, од  26 јули, ќе се одржат во Франција. Долгото патешествие на огнот започна со симболичното самопалење во античкиот град на Пелопонез, проследено со величествена церемонија, за да продолжи следните 11 дена низ Грција и, по предавањето во Атина, да го обиколи практично светот пред да заврши во француската престолнина. Пламенот традиционално се потпалува во керамички сад со параболично огледало директно од зраците на Сонцето во храмот на Хера.

Церемонијата во античка Олимпија ја следеа илјадници туристи од целиот свет и стотици претставници на спортот, политиката и културата, меѓу кои претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, и претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.  

Иако церемонијата со години се повторува, таа секогаш е ново уметничко доживување, но и ново промовирање на надежите дека врвниот спорт повторно ќе го обедини целиот свет околу заедничките вредности и ќе покаже, како што рече претседателот на Олимпискиот комитет, дека „сите можеме да живееме под еден покрив во мир“.

 

Централен дел на свеченоста беше самото палење на огнот што го изведоа 48 посебно избрани девојки, предводени од грчката актерка Мери Минас, облечени во фустани во црно бели пруги кои ги симболизираа столбовите на античките храмови, пред сѐ на храмот на Зевс кому му биле посветени игрите.

Тоа што нема записи за видот на фустаните, за музиката или за видот на танцовите од почетоците на игрите кои за првпат се одржале во 776 година п.н.е., па и воопшто за церемонијата на почнување на игрите, остава простор за креативност на секои две години, за да му се даде нова убавина на спектаклот во Олимпија. 

Пред да тргне за Марсеј во Франција и да ја обиколи целата земја за да заврши во Париз на 26 јули, огнот ќе се пренесува 11 дена низ Грција, па со брод од Атина  ќе ги обиколи сите мориња и океани каде што има француски територии, што ќе биде светска промоција на спортот, но и на француската култура, туристички потенцијали и економска моќ. 

Највозбудливиот дел од целата церемонија по палењето на огнот беше кога факелот и маслинoвото гранче во другата рака го презеде грчкиот освојувач на олимписки златен медал во веслање од Токио, Стефанос Дускос, а по него го зедоа и трчаа низ толпата луѓе француската пливачка олимпијка Лоре Мануду и грчкиот еврокомесар Маргаритас Схинас. 

Претседателот на Олимпискиот комитет, Томас Бах, во говорот пред палењето на огнот, нагласи дека ова што се случуваше денес се случуваше на света земја. 

„Во оваа света земја што стоиме денес беа родени големите игри што станаа драгоцено нешто за сите луѓе .Во античко време, Олимписките игри ги обединуваа грчките градови-држави, дури  и особено за време на војни и конфликти. Денес, Олимписките игри се единствениот настан што го спојува целиот свет во мирен натпревар. Тогаш како и сега, олимписките спортисти ја испраќаат оваа моќна порака: да, можно е да се натпреваруваме жестоко еден против друг и во исто време да живееме мирно заедно под еден покрив. Олимпискиот оган што го палиме денес ја симболизира оваа надеж за подобра иднина. Олимпискиот оган ќе го носи овој олимписки дух од овде и неговите антички корени низ цела Франција и до Париз“, рече претседателот на МОК.

Огнот сам се пали од огледало во керамички сад

Според него од почетокот имало поврзаност меѓу спортските игри и мирот и тоа отсекогаш била нивната улога. Тој порача, исто така, дека Олимписките игри ќе покажат за какви големини се способни луѓето, особено во ова време на војни и на конфликти кои го плашат човештвото и внесуваат немир, поради создадената голема негативна енергија.

-Во овие тешки времиња низ кои живееме, со војни и конфликти во пораст, на луѓето им е преку глава од сета омраза, агресија и негативни вести со кои се соочуваат секој ден. Ние копнееме по нешто што не зближува, нешто што не обединува, нешто што ни дава надеж. Олимпискиот оган што го палиме денес е симбол на оваа надеж“, рече тој.

На крајот како мото тој порача дека Олимписките игри ќе придонесат градот на светлината, Париз, да свети уште повеќе, па им упати честитки на сите што ќе учествуваат и на сите што ќе го организираат овој голем спортски настан со традиционален повик на крајот – да живее Грција и да живеат Олимписките игри. 

Првиот носител на олимпискиот оган беше освојувачот на златен медал на Олимпијадата во Токиот Стефанос Дускос (Фото: АП)

Претседателот на организацискиот одбор на игрите „Париз 2024“, Тони Естанге, рече дека нивната улога како организатори е да направат сѐ што можат за да продолжи да се негува и расте овој пламен ширум светот. Тој самиот има освоено три олимписки златни медали во кану слалом.

„Во согласност со агендата на Меѓународниот олимписки комитет 2020 година, горди сме што Игрите во Париз 2024 не само што ќе бидат спектакуларни, туку и поодговорни за животната средина, со цел да се одговори на предизвикот на векот: климатските промени“, порача тој, нагласувајќи дека Франција е подготвена да ги преземе. 

Олимписките игри по античкиот период беа обновени за првпат во 1896 година и оттогаш се одржуваат секои четири години, со прекин од 12 години поради Првата и Втората светска војна. На првиот спортски настан учествуваа само 14 земји и 245 спортиски, а за првпат во 1900 година на нив почнаа да се натпреваруваат и жени.

Препознатливото лого од пет прстени е промовирано во 1920 година, а од 1928 година започнува оваа традиција на носење на олимпискиот оган во земјата домаќин. Игрите ги следеа не само спортски но и политички случувања, од бојкотот на Олимпијадата во 1980 година во Москва од страна на 60 земји заради инвазијата на СССР на Авганистан, Минхенскиот масакр во 1972, бомбата во Атланта во 1996 година, бојкоти или забрани за одредени земји да учествуваат, и покрај настојувањата политиката да е надвор од арената. 

За прв пат откако пандемијата „Ковид-19“ наметна намалени настани за Олимписките игри во Токио 2020 и Зимските игри во Пекинг 2022 година, церемонијата се врати со полн сјај и со голем број гледачи. За време на 11-дневната штафета на грчко тло, околу 600 носители на факели ќе го носат пламенот на растојание од 5.000 километри низ 41 општина. Огнот ќе помине исто така низ  400 градови и десетици туристички атракции за време на своето патување од 12.000 километри низ континентална Франција и прекуокеанските француски територии на Карибите, Индискиот Океан и Тихиот океан пред  централниот дел на церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз.Се планира церемонијата да се одржи на реката Сена – првпат да не се одржи на главниот стадион на Игрите, но францускиот претседател Емануел Макрон  рече дека може да бидат преместени на националниот стадион во случај на безбедносна закана.

Организаторите денес од Олимпија порачаа дека овие спортски игри ќе донесат  нови пресвртници, дека ќе бидат „помлади, поинклузивни, поурбани, поодржливи и први Олимписки игри со целосна родова еднаквост“.