Олгица Ѓоргиева за ангажманот во Романската опера и балет : „Пепелашка“ ме врати на сцената
Направив чекор назад за да можам во мир да погледнам на патот што го изодев и со една нова енергија да го продолжам патувањето кон тоа што следува, вели дизајнерката Олгица Ѓоргиева која за „Независен“ во прво лице го сподели своето меѓународно искуство како костимограф

Со моден дизајн се занимавам од 2007 година.Одлуката да се занимавам со оваа професија е мојата најисправна одлука! До денес јас се уште одам со возбуда на работа и со нетрпение чекам да видам што ќе донесе наредниот ден. Колку и да сакав да ја разделам Олгица како моден дизајнер и Олгица како личност едноставно не беше возможно. Земајќи во предвид дека со оваа професија започнав да се занимавам релативно млада, самата професија преку многу животни ситуации обликуваше и дел од мојата личност .Во сите овие години континуирана работа и многу проекти, она што за мене во овој момент е најбитно е што повеќе да уживам во тоа што го создавам, да биде што поавтентично и лично.
После пауза од мојата работа, одлука која свесно ја донесов пред две години, поради приватни причини и воедно поради години интензивна работа после која почуствував дека ми е потребен одмор, направив чекор назад за да можам во мир да погледнам на патот што го изодев и со една нова енергија да го продолжам патувањето кон тоа што следува. Можам слободно да кажам дека тоа беше нај исправната одлука што сум можела да ја донесам тогаш, затоа што ме врати назад со една прекрасна, свежа енергија, полна со креативност која го чека своето време да излезе од мене и да биде дел од овој уметнички свет.
За балетската претстава „Пепелашка“ во Букурешт
Моето враќање на сцената одлучив да биде со мојот најнов проект Костимографија за балетската претстава „Пепелашка“ во Букурешт, за Романската опера и балет. Премиерата се случи пред една недела. Станува збор за модерна верзија на Пепелашка (не е детска претстава), на музика од Прокофјев. Богата сцена, со многу балетани на сцена и многу костими. Интересно беше тоа што во моментот кога почнавме да преговараме за претставата, мојата прва мисла беше дека би сакала целата претстава да личи како стрип, или како црно бел филм, само Пепелашка да биде таа која што ќе има боја, што во исто време ќе биде симболика за многу работи. Откога веќе беше потврдено дека ќе ја работиме претставата, првата реченица на режисерот беше дека би сакал цела сцена да биде црно-бела, само Пепелашка да има боја. Во тој момент бев навистина среќна затоа што мојата првична идеја беше понудена од режисерот, така да креативно самата претстава од старт имаше синергија.
Сите костими на сцена се црно-бели-сребрени, само костимите на Пепелашка се во боја. Низ самата претстава се провлекуваат многу комични моменти, почнувајки од тоа дека мајката и двете сестри се одгглумени од машки балетани, плус во дел од претставата играат во женски балетански кондури.Претставата е ставена на репертоарот на Операта во Букурешт. Доживеа навистина голем успех и одлични критики. Луѓето во публиката уживаа во приказната и воедно имаше насмевки на нивното лице предизвикани од комичните моменти, а на крај имше долг аплауз и довикувања кои беа наградата за сите нас кои бевме дел од таа приказна. Благодарна сум на приликата што имав можност да работам со светски успешни уметници и се надевам ќе имам уште многу прилики каде што ќе можам да ја покажам мојата креативност.
За меѓународното искуство како костимограф
Со костимографија за балетски претстави започнав да се занимавам во 2018 год. Мојата прва костимографија беше за претставата Електра, во најстариот театар во Грција на островот Сирос, во соработка со Микис Теодоракис. После тоа следуваше претставата Моцарт во Австрија, која шеташе низ повеќе европски држави меѓу кои се одржа и во познатиот театар Аристон, во Сан Ремо. Следуваше костимографијата за балетската претстава Ајде на Валцер, за Словенечката опера и балет во Љубљана и еве приказната продолжува, мојот последен проект е балетската претстава Пепелашка за Романската опера и балет во Букурешт.
За новата модна колекција
Паралелно со овој последен проект, од кога се вратив во Македонија интензивно работам и на мојата нова колекција која ќе биде наменета за пролет лето, надополнета со автентични чанти. Интересна приказна претворена во облека и модни додатоци, која ќе можете да ја погледнете на крај на месец април. Со овие два настани, започнувам една нова фаза од мојата работа на која навистина и се радувам!
Подготви: Л. Сабит