Олаф Шолц доаѓа на Балканот најмногу поради Берлинскиот процес


 

Германскиот канцелар Олаф Шолц ќе биде на балканска турнеја околу 10 јуни, а таа ќе биде главно насочена кон подобра подготовка на самитот на Берлинскиот процес, кој веројатно ќе се одржи во август. Шолц во Белград би требало да биде на 10 јуни, јавува Дојче веле. Освен Белград, Шолц ќе оди и во Приштина, Скопје и Тирана, а можеби и Сараево.

Претходно новинарот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Михаел Мартенс, кој го следи регионот, на Твитер објави дека Шолц доаѓа во Белград на 10 јуни. Повикувајќи се на сигурни извори од Берлин, тој изјави дека темите ќе бидат „енергијата, економијата, позицијата на Србија кон Русија“ и други.

Извор на ДВ вели дека Шолц се обидува добро да се подготви за самитот на Берлинскиот процес: „За разлика од поранешната канцеларка Меркел, Шолц повеќе се движи кон конкретни решенија. Тој се грижи овој самит да не е само скапо патување, туку да се постигнат конкретни решенија“.

Целта на Берлинскиот процес е поблиско поврзување на регионите на Западен Балкан, преку слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги.

Упатени извори за Дојче веле велат дека се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да биде против отворањето преговори со Македонија и Албанија, иако од Париз во последно време стигнуваат постојани пораки дека тој не е за блокирање на пристапувањето на двете земји кон Унијата. За да се ублажи овој став на Франција, наводно, самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе се одржи на 23 јуни во Брисел, а не во Париз.

Макрон и Шолц се разликуваат во нивните идеи за проширувањето на ЕУ. Францускиот претседател неодамна ја поттикна визијата за Европа со „две брзини“, каде земјите како Србија, Македонија, Албанија и другите од регионот ќе имаат место само во надворешниот прстен, но нема да бидат полноправни членки на ЕУ.

Посетата на Шолц на Балканот е нов доказ дека регионот е високо на листата на приоритети на новата коалиција во Берлин.