ОЛАФ ја осомничил за измама, Владата ја постави за директорка во Еразмус, велат од СДСМ


Ана Михајлов (Фото: Фејсбук Национална агенција за европски образовни програми и мобилност)

 

СДСМ соопштува како е можно Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски повторно ја „враќа вмровската партиска мафија во Националната агенција за европски образовни програми… која управува со милионски фондови од Европската унија преку Еразмус +“.

Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ, денеска на прес-конференција изјави дека на на 1 август на местото в.д. директор на Агенцијата, без транспарентност и без консултација со Европската унија, е назначена Ана Михајлов. 

Тој рече дека клучното прашање било што се крие зад назначувањето на Ана Михајлов на чело на Агенцијата која во минатото беше во самиот центар на најголемиот скандал во оваа институција? Огласот беше поништен а причините за поништувањето останаа мистерија. 

Според истрагата за предметите што ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами, ги достави до македонското обвинителство, таму постоеле сомненија за новата директорка, Ана Михајлов.

„Ова е официјалниот извештај на ОЛАФ од 2023 година, каде јасно е наведено дека постои основано сомневање за злоупотреба на над 2 милиони евра во периодот на претходната влада на режимот на Груески, за период кој започнува во 2016 година. 

Како што е наведено, идентификувани се повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и пет земји-членки на ЕУ, сите дел од вмровската шема. Преку вмровските внатрешни кадри, вработени во агенцијата, протекувале информации за апликанти и евалуатори.

Надворешна фирма управувала со проекти на над 15 училишта, што претставува флагрантно кршење на грант-договорите. 

ЈО се уште нема процесуирано обвинителен акт по овој целосно документиран предмет доставен на јавното обвинителство во 2023 г одина и повторно актуелизиран во 2024 година.  

Од свиркачи внатре во Агенцијата СДСМ дознава дека власта прави силен притисок да се спречи истрагата на Јавното обвинителство. 

Дали затоа што води токму до Ана Михајлов и нејзините најблиски фамилијарни и пријателски ангажирани евалуатори од ВМРО-ДПМНЕ?“, рече Јанковиќ.

Иако Европската Комисија не се меша во националните назначувања, одблиску ги мониторира сите развои на настаните што може да ги загрозат интегритетот, непристрасноста и квалитетното спроведување на програмите финансирани од ЕУ поради ризик неформални мрежи да преземат контрола на управувањето со агенцијата.

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е надлежна за спроведување на програмата „Еразмус+“ во Македонија, која годишно распределува милионски грантови во образованието, младинскиот и граѓанскиот сектор.

Работата на оваа Агенција стана предмет на истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) која побара Македонија да врати 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус+“ во периодот од 2016 до 2018 година. Кој ги злоупотребил овие пари истражува Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

„Слободен печат“ со увид во кривичната пријава дојде до заклучокот дека се работи за пријава против 23 лица и фирми (туристичка агенција, физички лица, училишта итн.). Во неа се опишува наводно добро разработена мрежа која според наводите го правела и возможното и невозможното за само една мала група да ги добие парите од „Еразмус+“. Според пријавата, за 21 проект финансиран од Европската комисија 2,2 милиони евра завршиле кај истите луѓе и тендерите ги добиле истите две фирми поврзани со овие луѓе, а за тоа имало одлична логистика. Парите од „Еразмус+“ се за подигнување на капацитетите на училиштата, но тие, според наведеното во пријавата, биле доделувани на јавни набавки, а тендерската документација била така креирана за сите пари да завршат само во 2 фирми.