Откажано уличното дефиле на француската трупа „Кидам“


Францускиот институт во Скопје и фестивалот Скопско лето со жалење и со големо разочарување ве известуваат дека уличното дефиле и претстава „Сонот на Ербер“, како и видео-мапингот „Франција во светлина“ на Емил Петро, предвидени да се одржат вечерва, од 21 часот, ќе бидат откажани.

Уметниците од француската трупа „Кидам“ ниту вчеравечер не пристигнаа во Скопје, поради задоцнети и откажани летови, кои се должат на невремето што изминатиов период ја зафати Западна Европа.

Сепак, се работи само за одложување!
Францускиот институт во Скопје ќе го одржи своето ветување и ќе донесе голема и убава улична претстава во Скопје, отворена за најширока публика, во знак на затворање на 50-годишнината од своето постоење.

Францускиот институт во Скопје ви се заблагодарува на разбирањето и уште отсега ви го најавува настанот којшто, штом се создадат услови, ќе се одржи оваа есен.