Оксфордски универзитет: Имунитетот на коронавирусот трае најмалку шест месеци
Научниците ќе продолжат да следат дали претходната инфекција влијае на сериозноста на болеста доколку се појави повторна инфекција. Малку е веројатно дека луѓето кои биле заразени со Ковид-19 може повторно да се инфицираат во рок од шест месеци од првата инфекција, покажуваат податоците на британско истражување спроведено врз здравствените работници.
Истражувањето е добра вест за повеќе од 51 милион луѓе кои биле заразени со вирусот од почетокот на пандемијата, објавија научниците од Универзитетот во Оксфорд, автори на студијата.
– Ова е навистина добра вест затоа што можеме да бидеме сигурни дека, барем на краток рок, повеќето од оние кои го прележале Ковид-19 нема да се заразат повторно, рече Дејвид Ер, професор од Оксфорд и еден од авторите на студијата.
Според него, инфекцијата со Ковид-19 ги штити повеќето луѓе од повторна инфекција најмалку шест месеци.
– Не најдовме нова симптоматска зараза кај ниту еден од испитаниците кај кои беа пронајдени антитела, додаде тој.
Истражувањето траеше 30 недели, помеѓу април и ноември оваа година.