Околу СЈО гори, Владата ќе се сонча


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М.МИТЕВСКА

Во духот на декларираните транспарентност и отчетност, Владата им приреди освежување на граѓаните во овие жешки јулски денови – и на метеоролошки, а уште повеќе на политички план. Во ситуација кога со денови наназад сите очи и уши се вперени кон скандалот „Рекет“ и неговите можни реперкусии врз СЈО, со тоа и врз Владата, а со тоа и врз евроатлантските инспирации на државата – со оглед на очекуваната одлука за старт на преговорите со ЕУ, навистина, беше освежување да се прочита списокот со туристички дестинации каде што некаде до средината на август ќе летуваат половина министри од владиниот кабинет.

Распоредот со летувања, за волја на вистината, е скромен, така што во него нема некои поегзотични места туку главно најчестите туристички локации за повеќето македонски граѓани, освен ако не се смета активниот одмор во Скандинавија што го најавила вицепремиерката Радмила Шекеринска. Всушност, и не е проблемот во туристичките дестинации на министрите ниту е спорно нивното право на одмор, особено во година која беше изборна, покрај сите други искушенија и пресврти што се случуваа на политички план од лани ова време па досега. Цаката е во тоа што оваа постизборна етапа во земјава непредвидено испадна премногу жешка и незгодна, а нејзиниот исход е неизвесен, така што е создадена клима што тешко може да се олади со соопштенија за тоа каде ќе летуваат министрите.

Транспарентноста и отчетноста на највисоките носители на функции во државата, секако, дека се нешта што треба високо да се вреднуваат. Ама во конкретниот случај, неодминлив е впечатокот дека се вишок. Ако не за друго, тогаш барем затоа што се создава перцепција дека речиси цела влада ќе биде отсутна од Скопје, па и надвор од државата, во еден од покритичните политички моменти по смената на власта пред две години. Поточно, дека сите во исто време ќе отпатуваат на летување, така што единствен што, во случај на ургентна ситуација, би можел да води владина седница и да потпишува одлуки место премиерот е новиот вицепремиер Садула Дураки, кој сè уште не го соопштил својот план за одмор, или евентуално Кочо Анѓушев – ако во тоа време е вратен од неколкудневниот престој во Грција или, пак, Оливер Спасовски – ако во меѓувреме не отпатува некаде.

Шегата настрана, и досега беше практика парламентот да заминува на колективен одмор по Илинден, како и поголем дел од Владата. Но овој пат самиот податок во владиното соопштение дека министерката за правда Рената Треневска-Дескоска не може да го планира терминот за одмор, макар и во Охрид, поради претстојните преговори за новиот закон за јавно обвинителство, доволно кажува дека сега не е време за колективен одмор на кабинетот. Затоа што во ситуација кога настаните во земјава се менуваат од час во час, како на филмска лента, дури и „највидовитите“ политички аналитичари тешко може да излезат со подолгорочна прогноза на какви политички околности ќе наидат министрите кога ќе се вратат дома.

Вистината всушност е дека е време за летување, затоа што, ако се послужиме со вокабуларот на премиерот Зоран Заев, и највисоките државни функционери се луѓе од крв и месо. Ама на летување може да се замине и еден по еден. А ако владата реши „масовно“ да одмора, тогаш не мора за секој министер поединечно да се испраќа информации во јавноста, со сите детали поврзани со неговото летување. Особено ако се има предвид дека, можеби, за половина од министрите во владиното соопштение е запишано дека не знаат дали и каде ќе одмораат. Тој податок, всушност, доволно кажува дека транспарентноста што Владата посака да ја манифестира со списокот за летни одмори за министрите во конкретниот случај е непотребна. Затоа што единствениот ефект од неа е создавање перцепција во јавноста дека додека гори на политичката сцена во земјава, а посебно во „атарот“ околу СЈО, цела влада ќе оди да се сонча.

На странските дипломати, пак, очигледно, не им е до сончање, макар и во Охрид, кога се во прашање политичките услови во земјава кои, ако ургентно не се преземе нешто за нивно санирање, до почетокот на есента може да ги доведат во прашање сите придобивки што беа постигнати во изминатите две години, посебно во делот на евроатлантското интегрирање на земјата. За формирањето на СЈО може да се каже дека претставуваше своевиден праг за враќање на тој евроатлантски колосек, така што декаденцијата што сега ја преживува може да значи и нова декаденција на тие процеси.

Затоа и новата амбасадорка на САД во земјава, веројатно, не случајно се интересира дали има шанси до средината на септември да биде донесен новиот закон за јавно обвинителство. Слични прашања за државниот и политичкиот врв сигурно ќе имаат и еврокомесарот Јоханес Хан и американскиот помошник државен секретар Филип Рикер, ама тешко дека ќе се заинтересираат каде ќе летуваат нашите министри. Всушност, и онака многу поважно е дали додека тие се „сончаат“ ќе се вратат во нормала состојбите во политичката арена во земјава. А потоа уште поважно е што ќе сработат во пресрет на есента, кога не само што и формално ѝ истекува мандатот на Катица Јанева, туку и ќе нараснат повторно очекувањата за добивање одлука што за Северна Македонија ќе значи старт на преговорите за членство во ЕУ, за што, пак, решавањето на статусот на СЈО и натаму е еден од клучните критериуми, независно од превирањата околу оваа институција поради аферата „Рекет“.