Охридското обвинителство потврди: Пендиков бил тепан зашто се изјаснил за Бугарин

Обвинителството во Охрид поднесе кривична пријава за нанесување тешка телесна повреда на Христијан Пендиков. Обвинението е против едно лице кое заедно со „уште едно засега непознато лице од омраза поради национална и етничка припадност тешко го повредиле“ оштетениот на 19 јануари.
До Основниот суд Охрид е поднесен предлог за продолжување на притворот на обвинетиот бидејќи сѐ уште постои опасност тој да се крие за да избегне кривично гонење, соопштија од обвинителството, појаснувајќи дека ќе продолжат со дејствијата за утврдување и приведување на останатите инволвирани во инцидентот.
„На 19 јануари во кафе бар во Охрид обвинетиот најпрвин се доближил до масата каде што седел оштетениот и му забележал дека се легитимирал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот излегол од објектот и се приближил до неговиот автомобил, обвинетиот и уште едно непознато лице тргнале по него, го нападнале и го удирале со раце по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди“, се вели во соопштението на обвинителството во кое не се соопштуваат иницијалите ниту на жртвите, ниту на обвинетите за нанесување тешки телесни повреди.
Од обвинителството прецизираат дека при спроведување на процесно-истражните дејствија обвинетиот молчел, „но сите околности се проверени и потврдени со изјавите на сведоците на настанот и обезбедените записи од видео надзорот“.
Пендиков со скршеница на вилицата и повеќе повреди беше пренесен на лекување во Бугарија, но по операцијата излезе здрав во рекорден рок од неколку дена, иако медицинските искуства се дека за скршена вилица се потребни три до четири недели да закрепне. На фотографијата од средбата со бугарскиот претседател Румен Радев едвај може да се стекне впечаток дека бил претепан.